Утревечер со почеток во 21 часот во отворениот дел на музичкиот бар „Ла Кања“ во Старата скопска чаршија, музичката издавачка куќа Шарла по повод 5 години од своето постоење организира роденденски музичко-ликовен настан со наслов „Шарла: 5 чекори поблиску“.
За овој релативно кус период Шарла Рекордс успеа да изгради статус на еден од поинтересните независни издавачи во Македонија и во регионот. Некои од нејзините изданија се завртеа по светски познати радио станици и портали од Њујорк до Хонг Конг, за нив пишуваа осврти и рецензии во Лондон, Берлин, Прага, Љубљана, Загреб и Белград.
Инспирирани од овој успешен процес, екипата на Шарла организира отворен роденденски настан на кој во живо ќе настапат два нејзини артисти, а програмата предвидува и една уметничка изложба – инсталација.
Младата Димитра со својот свеж и бунтовен музички израз е регионално откритие во моментов. Нејзините две ЕР изданија од минатата и оваа година ги освоија срцата на музичката јавност и дома и низ балканскиот регион. Ова ќе биде нејзин прв настап во Скопје со тој материјал.
Mammoth & Yashem е музичкиот алијас на Ненад Тонкин, кој е веќе етаблирано музичко име на нашата сцена уште од времето кога членуваше во популарните Беи Д Фиш. Неодамна излезе неговото второ, Guilty Pleasure ЕР за Шарла, кое во целост ќе го изведе во живо на овој настан.
Истата вечер, Шарла ќе промовира уште 3 свои изданија на ЦД кои заедно со сите предходни ќе можат да се најдат на штандот во Ла Кања по промотивни цени.
Покрај музичкиот дел, амбиентот ќе го збогати и една несекојдневна изложба во простор составена од дела на 5 наши современи уметници на тема ,,Која е твојата утопија? Шарла: 5 чекори поблиску”. Со свои дела изработени специјално за овој настан учествуваат Иван Ивановски, Владимир Лукаш, Сали Ертунч, Ненад Тонкин и Јана Јакимовска.