24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Заев насилно турка попис на матични броеви

Во текот на вчерашниот ден започна таканаречениот пробен попис, попис на матични броеви, попис каков што нема никаде во демократска Европа. Заев без консултации со опозицијата насилно турка попис на матични броеви, спротивно на препораките на Еуростат, попис кој нема да ја прикаже реалната бројка на население кое живее во нашата држава, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Аболицираниот Заев и неговата криминална банда мора да разберат дека пописот е статистичка, а не политичка операција, операција преку која ќе манипулираат со бројката на жители во државата. Задкулисните игри и договори се недозволиви кога станува збор за националните и државните интереси. Недозволиво е да се пазари со една ваква клучна операција како пописот од која зависат идните политики на државата“, велат од партијата.

Доколку Зоран Заев, додаваат од таму, навреме не се откаже од ваквата монструозна идеја многу е веројатно дека пописот ќе ја доживее судбината на неуспешниот референдум за промена на името.

„Заев мора да разбере дека има поважни и по суштински работи од власта, парите и моќта. Тој мора еднаш засекогаш да сфати дека функциите се минливи, а држава треба да ја оставиме и на идните генерации. Овој процес мора да запре, препораките на Еуростат и европските стандарди мора да се применат и на пописот во Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.