Секогаш во средиштето на збиднувањата...

(Видео) Николовски: Со реконструкцијата на домот „Стив Наумов“ студентите ќе добијат подобри услови за живеење

Директорот на Државниот студентски центар „Скопје“, Дарио Николовски, денеска на прес-конференција информира за последната одлука на Владата според која Министерството за образование е задолжено да го реконструира Студентскиот дом „Стив Наумов“ и во целост да ги стави во функција сите 1.221 леглао во зградите 1, 2 и 3.

Истакнувајќи дека на овој начин на студентите ќе им се овозможат достоинствени услови за живеење и учење, Николовски посочи дека Студентскиот центар заедно со Министерството за образование и наука и со Владата интензивно работи на подобрување на условите и во другите студентски домови. Николовски додаде дека паралелно се води грижа и за парковите во студентските домови.

„Досега Владата двапати финансиски нè поддржа со покривање режиски трошоци од над 100 милиони денари, со што се намирија дел од наследените долгови и се деблокира нашата работа. Во процедура е предлог-законот за изменување на Законот за студентскиот стандард по скратена постапка, со цел да се овозможи државата да може да ги намири долговите во делот на режиските трошоци, а тоа да го направи и за сите други работи“, рече директорот на Државниот студентски центар „Скопје“, Дарио Николовски.

Тој нагласи дека Државниот студентски центар е една од првите државни институции што се вклучија во планот за чист воздух и институција што ќе ги намали трошоците за греење.

„Потпишавме меморандуми за соработка со општините Центар и Гази Баба, а во наредниот период ќе потпишеме исти такви меморандуми и со општина Карпош и со Град Скопје, со цел заеднички да се посветиме на работа во интерес на студентите за поголемо ниво на одржување на хигиената, безбедноста и уредување на јавните површини. Исто така, потпишавме меморандум за соработка со МОФ и презедовме обврски заедно да работиме на повеќе проекти. Заедно со МОФ работиме и на истражување на студентскиот стандард со цел да ги подобриме условите и начинот на живеење“, додаде Николовски.

Потсети дека од сега сите студенти имаат можност да аплицираат за европската младинска картичка, со која ќе може да ползуваат многу бенефиции и можности.