Премиерот, Зоран Заев, на покана на српскиот претседател, Александар Вучиќ присуствуваше на свеченото отворање на новото автопатско решение од 26 километри кое поминува низ Грделичка клисура од Коридорот 10.
По овој повод Заев имаше и свое обраќање во кое изрази голема благодарност за поканата да биде дел од важен настан во Република Србија, а со тоа, како што кажа, и за нашата земја и за регионот.
„Се радуваме на успешните потфати на сите наши соседи. Сега, кога гледаме колку изгледа величенствено ова модерно автопатско решение, кое во еден дел поминува и низ една од најтешките делници заради Грделичката клисура, честитките за успешниот зафат добиваат уште поголемо значење. Така е кога се работи вредно и посветено. Резултатите се евидентни. Сега, нашите граѓани, граѓаните на двете земји, како и европските граѓани, имаат автопатско решение од северната до јужната порта на Европската Унија“, истакна премиерот додавајќи дека од Скопје до Белград отсега ќе се патува за три и пол до четири часа.
Заев порача и дека намалувањето на физичката и временска дистанца, меѓу главните градови на Северна Македонија и на Србија е соодветна на пријателството и блискоста меѓу двата народа што ја носат во своите срца.
„Коридорот 10 сега навистина го личи. Вистинска eвропска вредност на поврзување и комуникација. На територијата на Република Северна Македонија тој е комплетиран минатата година кога ја пуштивме во употреба делницата Демир Капија – Смоквица, во должина од 28 километри. Проектот го реализиравме заедно со нашите стратешки партнери – Европската Унија, под слоганот ‘Подобро поврзани’“, кажа Заев.
На крајот од обраќањето, тој уште еднаш упати големи честитки за, како што рече, исклучително значајниот потфат.
„Граѓаните на Северна Македонија ве сакаат почитувани граѓани од Република Србија. Нека расте нашето пријателство, да бидеме блиски и заедно да соработуваме“, порача премиерот пред присутните.