23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Шекеринска за „метлата“: Освен кадровски, ќе анализираме и системски промени

Утре, по инаугурацијата на новиот претседател Стево Пендаровски, ќе започнат анализите околу таканаречената „метла“ на премиерот Зоран Заев. Министерката за одбрана Радмила Шекеринска вели дека прашањето нема да се фокусира само на персонални промени, туку и на промени во системот на одлучување.

„Ние како сериозна коалиција и Влада ќе седнеме и ќе ги направиме сите анализи како да дадеме одговор на некои од очекувањата кои не сме успеале да ги исполниме. Тоа не е прашање само на персонални рокади и на промени, туку е прашање и на промени кои ни се неопходни и во системот на одлучување. Вие можевте да видите и во текот на целата кампања колку се силни критиките од страна на граѓаните, бизнисот и медиумите. На пример, за состојбите во одредени делови на нашата администрација каде што луѓето сметаат дека им е уставно право да земаат плата но не им е уставна обврска да работат. Персоналните промени не се единственото прашање за што ќе дискутираме“, вели таа.

Во врска со гласините за разрешувањето на министерот за екологија Садула Дураки, кога тој за ТВ21 изјави дека за тоа може да одлучи само неговиот партиски лидер Али Ахмети, Шекеринска вели:

„Ние имаме коалициска влада која во својата програма кажа дека тој тип на партиски феуди не се добри за државата. Тоа во програмата го кажаа и СДСМ и ДУИ и сите коалициски партнери. Нашата цел не е да ги поделиме ресорите и да кажеме секој нека работи што сака. Тоа не е Влада, тоа е партиски пазар. И партискиот пазар ја доведе Македонија во 2016 во калта од која две години се трудиме да ја извадиме“.