23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕХНОЛОГИЈАИЗБОР

„Инстаграм“ наскоро може да го скрие бројот на лајкови од вашите објави

Сѐ повеќе се чини дека причината зошто луѓето поставуваат било што на социјалните мрежи е само поради лајкови.

Тоа е всушност начин да се добие потврда од другите, а популарноста се оценува според бројот на лаjкови што една објава ги добила. Сепак, во малку контроверзен и за многумина неочекуван чекор, се чини дека „Инстаграм“ тестира промена во својот кориснички интерфејс, каде што лајковите под сликата ќе бидат скриени од вашите следбеници, пишува PC Press.

Ова го откри Џејн Манчун Вонг, која на својот твитер-профил сподели дека постои можност во иднина никој, освен самиот корисник, да не знае колку лајкови има одредена негова фотографија на „Инстаграм“. Наместо тоа, она што следбениците ќе може да го забележат во ваков случај е дека вашиот пост бил лајкуван, меѓутоа без прецизирање на конкретна бројка.

Многумина сметаат дека станува збор за контроверзна одлука, бидејќи голем број познати личности на социјалните мрежи се потпираат токму на бројот на лајкови за да покажат колку се популарни, со цел да може да ги контролираат цените кои ги наплаќаат за одредени маркетинг промоции.

Меѓутоа, од „Инстаграм“ имаат интересно гледиште кое гласи: „Сакаме вашите следбеници да се фокусираат на суштината на она што го споделувате, а не на вашиот пост да се гледа како на генератор на лајкови“.

Засега не е јасно дали плановите на „Инстаграм“ поврзани со оваа промена навистина ќе станат реалност или пак станува збор само за тест, со цел да се „испита пулсот“ и да се добијат повратни информации од корисниците.