23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Премиерот Заев се сретна со грчкиот заменик-министер за надворешни работи Куик: Нашето економско партнерство и тековните проекти во областа на меѓусебно поврзување ќе создадат бенефити и приходи, особено за младите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, придружуван од министерот задолжен за дијаспората Едмонд Адеми и заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски, денеска се сретна со заменик-министерот за надворешни работи на Грција, задолжен за грчката дијаспора Теренс Николаос Куик, кој е во дводневна работна посета на нашата земја.

На средбата, која помина во пријателска и срдечна атмосфера, беше изразено задоволство од позитивниот развој на односите меѓу двете соседни земји, по потпишувањето на Преспанскиот договор, со што како што беше нагласено од двете страни, се отвори перспективна иднина за граѓаните и идните генерации и во Грција и во Северна Македонија.

„Со мојот пријател, грчкиот премиер Алексис Ципрас, покажавме дека пред нас, стојат отворени можности за соработка и дека заедничките интереси можеме да ги искористиме за позитивна соработка, да ги надоместиме изгубените години. Со нашата заедничка политичка волја покажуваме и веќе чувствуваме дека е возможна одлична економска и трговска соработка меѓу нашите пријателски земји, како и соработка во областа на туризмот, образованието, културата и спортот“, рече премиерот Заев, на средбата со грчката делегација.

Исто така, на средбата беше потенцирана и важноста на Акцискиот план, кој беше потпишан од страна на премиерите Заев и Ципрас, при неодамнешната посета на делегацијата на грчката Влада на нашата земја, со кој се регулираат сите активности кои опфаќаат договори за унапредување на заедничката соработка во одбраната, енергетиката, транспортот, земјоделството, здравството, како и асистенција на Грција во процесот на нашето зачленување во Европската Унија.

Беа разменети мислења и беше изразена безрезервна поддршка за засилување на економското партнерство со цел да се создадат услови за отворање нови работни места, особено за младата генерација. Беше изразена волја, плодовите од изразеното искрено пријателство од двете страни да биде искористено за зближување на двата народа, за заеднички раст и развој, како пример за соработка на две соседни земји во целиот регион.