17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Силјановска: Шок е кога ќе се види министер во кампања, а директори како шефови на изборни штабови

Кандидатот за претседател Гордана Силјановска-Давкова вечерва им се обрати на граѓаните во Валандово.

Силјановска-Давкова посебен акцент стави на владеењето на правото и правната држава, односно, како што рече таа, Македонија не е слободна држава во изминатите две и пол години, односно дека со оваа Влада таа е далеку од тоа.

Силјановска-Давкова спомена дека граѓаните секојдневно се иселуваат од државата бидејќи со оваа Влада тие немаат никаква перспектива за да останат овде.

„Луѓето си заминуваат, и тоа оние што ни се најпотребни, најумните, најспособните, најкомпетативните, оние што може да се натпреваруваат во европските држави и подалеку. За жал, политиката на оваа власт не е политика за тоа да води сметка дека тие се потребни овде. Ништо не стори за да ги задржи, напротив, како да ги брка. Тоа мора да се смени“, рече Силјановска-Давкова.

Таа пред граѓаните потенцира дека иако ветувале живот, не го донеле животот алудирајќи на тоа дека доколку граѓаните ја изберат неа за претседател на Република Македонија, ќе се бори за еколошката заштита и дека тоа ќе биде еден врвен приоритет бидејќи се работи за животот на граѓаните.

Според неа, иако СДСМ и Заев го склучиле преспанскиот договор со образложение дека тој е услов за влез во ЕУ и НАТО, тоа не е така бидејќи ЕУ ќе испорача нови услови за исполнување европски стандарди бидејќи токму тие се неопходни за почеток на преговорите.

Силјановска-Давкова смета дека функционерите од Владата на Заев се во изборна кампања, односно, како што рече, таа како професор по уставно право одговорно тврди дека е шок кога ќе се види министер за внатрешни работи во кампања, а гледа и други министри и директори на јавни претпријатија, кои се шефови на изборни штабови, нагласувајќи дека со ова не може да се зборува за департизирана администрација.

„Оваа земја не е пристојна земја, ова земја е непристојно место зашто тие се однесуваат непристојно, зашто живеат како да се изолирани од народот и затоа мислам дека народот на 21 април треба да им покаже дека постоите заради нас, од нас ви извираат мандатот и легитимитетот. Нè заборавивте, тогаш сега ние ќе ви речеме збогум“, рече таа.