2. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

НАТО обединува 29 нации, оваа година се подготвуваме за добредојде за триесеттата – Северна Македонија

Во предвечерието на 70 години од основањето на НАТО, од местото на Договорот, зборувајќи за современите предизвици за Алијансата, Државниот Секретар Мајк Помпео, гласно порача: „За среќа, нашата бројка расте! НАТО обединува 29 нации. Оваа година се подготвуваме за добредојде за триесеттата – Северна Македонија!“ Помпео изрази задоволство што минатата седмица до американскиот Сенат е поднесен документот за ратификација на Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО.

Министерот Никола Димитров оствари и директна средба со Државниот Секретар, при што Помпео непосредно му ја пренесе силната заложба на САД за приклучување на нашата држава во Алијансата до крајот на годината.

Генералниот Секретар на НАТО, Столтенберг, во обраќањето на заедничкиот состанок на Конгресот, на кој присуствуваше и министерот Димитров, потенцираше дека е добро да се имаат пријатели. Во тој контекст, им се заблагодари на земјите-членки за отвореноста кон Република Северна Македонија, некриејќи го задоволството од постигнатиот напредок на земјата кон остварување на крајната цел.

Во рамки на настанот “NATO Engages: The Alliance at 70”, МНР Димитров, заедно со грчкиот МНР Катругалос, дискутираше за улогата на лидерството во надминување на историски разлики, како клуч за разрешување на децениски спорови. Претставувајќи ја „големата слика”за Алијансата, Министерот Димитров истакна: „Силни сме колку што ни е силна армијата и економијата и колку што ни се силни демократските институции. Но, силни сме и толку колку што имаме пријатели! Никогаш веќе нема да одиме сами. Со нас ќе бидат 29 НАТО сојузници – еден за сите, сите за еден!”.

По настапот следуваше интервју за „Гласот на Америка”, како и заедничко телевизиско гостување со министерот Катругалос во PBS News Hour. Беа остварени и билатерални средби со министрите за надворешни работи на Турција, Белгија, Исланд, Италија и Словенија, со фокус на ратификацијата на Протоколот за НАТО.

Денес (четврток) се одржува состанокот на НАТО на ниво на министри за надворешни работи, на кој за прв пат, во својство на „поканета земја” ќе учествува МНР на Република Северна Македонија, Никола Димитров.