Австралија ќе ги казнува социјалните мрежи до десет проценти од нивните годишни профити, а директорите на овие компании и со затвор до три години, доколку во иднина насилните содржини не бидат експресно отстранети, стои во новиот закон кои тамошниот парламент го изгласа денеска.
Новиот закон е одговор на убиствата што се случија во Нов Зеланд, каде што екстремист уби 50 луѓе во две џамии.
Напаѓачот го пренесуваше злочинот во живо на „Фејсбук“, а корисниците го споделуваа видеото повеќе од еден час пред да биде отстрането, за што австралискиот премиер, Скот Морисон, рече дека е неприфатливо долга реакција.
„Важно е дека ние праќаме јасна порака до компаниите кои управуваат со социјалните мрежи дека очекуваме да го променат своето однесување“, изјави австралискиот министер за комуникации Мич Фајфилд за новинарите во Канбера.
„Гугл“ веднаш одговори на новиот закон велејќи дека нема да толерира терористички содржини на своите платформи. Од „Фејсбук“ уште не го коментираат законот, но минатата недела објавија дека размислуваат за ограничување на пристапот до содржините кои се пренесуваат во живо.


