Премиерот Зоран Заев најави дека е можно одложување на изборите, доколку во Собранието не бидат донесени суштински закони.
„Суштинските закони, ако предизвикаат кочење на пензии, на социјалните трансфери на покачувањето на платите, го блокираат сето она што значи живот за граѓаните, тогаш изборите може и да се одложат. Ова не го испраќаме како закана заради тоа што одговорноста на секој пратеник, безразлика дали е од власта или опозицијата е исто така одговорност и на Владата и на локалните самоуправи и сите кои земаме плата од граѓаните. Секојдневно следам што се случува во парламентот и ако перфидноста на користењето на филибастерингот – дали станува збор за избрното законодавство, дали е за пензиите, ги кажувам како примери кои се многу значајни, бидејќи тоа може да значи пролонгирање на процесите. Јас тоа не го посакувам, сто пати сум кажувал дека изборите не треба да се одложуваат, но истовремено, граѓанска должност е, но секако и политичка да не дозволиме било што да го закочи интересот за реализација на граѓаните“, рече Заев.
Премиерот изрази верување дека овие денови ќе може низ дебата и низ парламентарна процедура да се донесат самите одлуки, бидејќи, како што вели, ниту парламентот ќе се распушти, ниту ќе гласаат пратениците на незавршени закони.
„Ќе дојде 12 февруари и одредени закони кои се важни за граѓаните нема да бидат завршени и имаат свој импакт и во март, април, мај и во септември. Не ја гледам логиката зошто да се гласа за распуштање на парламентот“, додаде Заев.