Иновативниот проект „Здрави деца – сигурна иднина“ во рамки на програмата за одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој, се реализираше преку Центарот за развој на источен плански регион, а е поддржан и од Швајцарската амбасада. За изградба на сензорна соба се инвестираа 2.077.000 денари.
– Набавена е и монтирана опрема во сензорната соба во Општинската јавна установа за деца, градинката „Астибо“, преку Швајцарската амбасада во вредност од 556.606 денари, а остатокот од средствата се употребени за градежни и реконструктивни активности во сензорната соба. Сензорната соба е интерактивна просторија опремена со соодветна опрема што помага во стимулирање на чувството за слух, вид, допир и мирис. Тоа е место каде децата со нарушувања во сензорната интеграција можат да ги истражуваат и развиваат своите сензорни вештини, да се релаксираат и да ослободат од напнатоста. Опремата ја контролира терапевтот со дистрибуција на стимулси за секој осет, прилагодувајќи ги на индивидуалните потреби на секој корисник. Третманите ги спроведуваат дефектолози кои добиле специјална обука за овој вид на терапија, истакна министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.
Според градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски, во Детската градинка – Астибо има инклузирано 20 деца со потешкотии во развојот.
– Детската градинка има вработено 1 лице – специјален едукатор и рехабилитатор кое ќе работи со овие деца и кое ќе добие соодветна обука за работа и користење на сензорната соба. Освен ова во детската градинка од стручни работници и соработници има и педагог и медицинска сестра, рече Бочварски.
Во последните неколку години забележан е раст на бројот на децата со потешкотии во развојот до различен степен, кај предучилишна возраст во Источниот плански регион. Проблем со којшто се соочуваат установите каде посетуваат настава овие деца е недоволната опременост на просториите, како и недоволна стручна подготвеност на кадарот кој работи со овие деца. Целта на овој проект е преку набавка на опрема и градење на таканаречени „сензорни соби“, во комбинација со обуки за кадарот, да се постигне решавање на проблемот.
Сензорните соби преставуваат специјално дизајнирана околина која треба да овозможи за детето (лицето) со посебни потреби контролирано изложување на едно или повеќе сетилни доживување со цел поттикнување на сензорната интеграција која е основа за оформување на нашите одговори кон надворешната средина.
Долгорочниот ефект од овој проект би бил зголемена интеграција на децата со потешкотии во развојот во образовниот систем и понатаму во општеството./Makfax