Сите граѓани кои што од денеска ќе купат и ќе вградат уред на погон на течен гас (ТНГ), метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата ќе имаат можност да остварат поврат од 50 проценти од трошокот, но не повеќе од 18.000 денари.
Ова го предвидува новата мерка за субвенционирање на граѓаните кои ќе вградат ваков вид на уреди во своите возила, која денеска ја објави министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој информираше дека согласно јавниот повик кој што беше објавен вчера, граѓаните ќе може да аплицираат за оваа мерка од денеска. Огласот ќе трае точно 30 дена од денот на објавувањето и ќе се одвива по принципот „прв дојден, прв услужен.
„Како една од мерките за справување на аерозагадувањето од страна на возилата, како што најавив уште во текот на летото кога беше донесен Законот за моторни возила е субвенционирање на граѓаните кои што ќе вградат уреди на течен гас (ТНГ), метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата. Со ребалансот на буџетот кој беше изгласан во Собранието минатиот месец за оваа намена беа одвоени 15 милиони денари“, истакна министерот Бектеши.
За да добијат субвенции, сопствениците на возила произведени од 2005 година па наваму, треба да извршат купување и вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата, по денот на објавување на Јавниот повик, во некој од фирмите кои вршат продажба и вградување на таквите уреди.
„Со така преправеното возило сопственикот треба да се упати во Техничка служба која ќе ја констатира преправката и сопственикот ќе биде упатен во МВР каде треба да се пријави преправката. Во МВР на сопственикот му се издава упатница, која ја доставува до техничката служба, за да биде извршена проверка на сообразноста на направената преправка. Техничката служба го прегледува возилото, изготвува записник и издава потврда за сообразност на вградениот уред (познатa како АТЕСТ) и пропратно писмо. Со Потврдата и писмото, сопственикот се упатува на шалтер на МВР (во техничката служба или станица за технички преглед) каде добива нова сообраќајна дозвола во која е евидентирана преправката односно дека е ммонтиран уред за погон на ТНГ, метан или слично“, информираше министерот.
Тој кажа дека постапката од моментот на доѓање во техничката служба до издавањето на новата сообраќајна дозвола не трае повеќе од два до три дена.
Документација потребна за пријавување: пополнето Барање и изјава од подносителот на барањето, фискална сметка со сметкопотврда, или фактура, копија од сообраќајната дозвола за возилото, заверена на нотар, во која е евидентирана промената, фотокопија од лична карта и број на трансакциска сметка.