13.8 C
Скопје
13. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) Богдановиќ: Се расветлува случајот „Титаник“

Во случајот „Титаник“, изминатите денови сведоци сме на сведочењето на Јадранка Гулевска, поранешна началничка во МВР во Одделот за управни работи во Скопје. Во нејзиното сведочење јасно и детално е опишан процесот на манипулација со гласовите на граѓаните во Центар, изјави Саша Богдановиќ, член на Централниот одбор на СДСМ.

„Слушнавме, видовме и прочитавме како функционирала полциско-партиската спрега и како само за неколку месеци, 600 жители од албанската општина Пустец, добиле право за гласање во Центар и со самото тоа, влијаеле на резултатите од локалните избори во 2013. Од позиција на тогашна централна власт, поранешниот премиер – актуелен осуденик, во бегство, Никола Груевски, заедно со екс-генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски и министрите Јанакиески и Јанкуловска и останатите, свесно се впуштиле во криминални активности, без притоа да бидат свесни за последиците од истите“, рече тој.

Тој додаде дека трите круга на локалните избори во Центар во 2013 биле симболот и главната пресвртница, со што се означил почетокот на крајот на криминалното владеење на ВМРО – ДПМНЕ.

„Свежи се сеќавањата на сцените со организираното носење на гласачите од Албанија во Центар, но се потсетуваме и на одговорот на центарци и јасно изразената победа во сите три круга. Но, да се изразам со зборовите на бегалецот Груевски, „Вистината е како шило, ќе врти, ќе врти, па ќе излезе на виделина“. Така и сега, вистината излегува на површина. Случајот „Титаник“ е веќе во напредна фаза и со секое наредно сведочење, јавноста дознава што и како точно се случувало зад сцената во 2013“, рече Богдановиќ.

Тој истакна дека верува во независноста и одлучувањето на македонскиот судски систем и дека правда за сите мора да има.