Владата на Република Северна Македонија денеска ја усвои информацијата за спроведената постапка за избор на најповолна понуда за воспоставување Јавно приватно партнерство (ЈПП) за формирање современа организација-платформа како ефикасен носител на хеликоптерскиот итен медицински систем во Република Северна Македонија (ХЕМС) и хеликоптерските услуги за пребарување и спасување (САР) и ја прифати Предлог-Одлуката за избор на приватен партнер за оваа дејност со САРХЕМС ДООЕЛ Скопје, компанијата која ги задоволи условите на јавниот повик.
Најдоцна за шест месеци по потпишување на договорот за јавно-приватно партнерство, компанијата ќе стави на располагање два хеликоптера опремени за давање медицински услуги за прва помош и за пребарување и спасување бесплатно за граѓаните на Северна Македонија, кои најмногу за 15 минути треба да бидат на местото каде што треба да биде извршена интервенцијата.
Договорот за ЈПП на приватниот партнер му овозможува да си ги наплати услугите согласно неговиот бизнис модел, а за цело време на траење на договорот има обврска да плаќа надомест за стекнатото партнерство за обавување на оваа дејност во висина од 10.000 евра, во денарска противвредност во Буџетот на Република Северна Македонија.
Двата хеликоптера, хелиодромите и другата опрема за извршување на оваа дејност, согласно договорот за ЈПП, по истекот на договорот во рок од 8 години, остануваат во сопственост на Република Северна Македонија.