24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Османи: Имаме историска шанса да ги соединиме заедничките амбиции во интерес на цела Европа

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, утрово оствари телефонски разговор со министерката за Европа и претставник на Француската република во ЕУ, Амели де Моншален.

„Имаме неповторлива шанса пред нас да ги соединиме интересите на нашите две земји, создавајќи вистински пример за тоа како се напредува во европските интеграции, преку лидерство, преку храбри одлуки и долгорочни компромиси, како и преку истрајни и темелни реформи“, истакна Османи во разговорот, упатувајќи на подготвеноста на Владата активно да учествува во промоцијата на европските вредности на Балканот, како суштински елемент во изградбата на посигурна, постабилна и просперитетна Европа.

„Преговорите на ЕУ со Република Северна Македонија претставуваат можност на дело да се демонстрира кредибилност на европската перспектива, како основно гориво за решавање на конфликтите во регионот, праќајќи со тоа јасен сигнал до сите земји од Западниот Балкан, за европскиот модел што се очекува да биде етаблиран кај сите земји кои сакаат членство во Унијата“, истакна Османи, изразувајќи притоа надеж дека претстојните самити на ЕУ ќе ја потврдат оваа заложба за остварување на заемните интереси.

Телефонскиот разговор со министерката за Европа, Де Моншален, претставува дел од активностите на вицепремиерот Османи со претставниците на европските метрополи, а во пресрет на одлуката за старт на преговорите на октомврискиот самит на ЕУ./Makfax