Премиерот Заев и вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, присуствуваа на свеченост по повод пуштање во употреба објекти за снабдување со здрава и квалитетна вода за пиење во општина Пробиштип.
Премиерот Заев посочи дека со ова се решава проблемот со водоснабдувањето за жителите на општината и додаде дека проектот во вредност од 1.200.000 евра е остварен со учество од 600.000 евра од Владата и исто толку од владата на Словенија и словенечкиот Центар за меѓународен развој и соработка.
„Со намера оваа поддршка да добие уште поцврста системска структура, на една од последните седници на Владата донесовме одлука за формирање меѓуресорска работна група задолжена за обезбедување натамошен квалитетен развој и имплементација на процесот на децентрализација и на рамномерниот регионален развој“, рече Заев.
Вицепремиерот Анѓушев истакна дека со реализација на овој проект се решаваат проблемите за граѓаните, но и за бизнис-секторот во Пробиштип.
„Две странски компании реализираат инвестиции во Пробиштип. Словенечката компанија ‘Таб МАК’ ќе реализира втора инвестиција во вредност до 25 милиони евра и нови 80-ина вработувања, а со работа набргу ќе почне и производствениот капацитет на компанијата ‘Кранфилд Фаундри’, која со сигурност ќе има потреба од пивка вода. Овој проект има и дополнителна вредност бидејќи е дел од разрешување на проблемите со хидросистемот ‘Злетовица’, кој има добра замисла, но не е целосно реализиран“, нагласи Анѓушев.
Заев и Анѓушев во Пробиштип беа придружувани од градоначалникот на општината, Драган Анастасов, и државниот секретар во Министерството за финансии на Република Словенија, Метод Драгоња.
Во рамките на посетата на Пробиштип тие остварија средба и со менаџментот на компанијата „Таб МАК“ и направија обиколка на погоните на фабриката.