23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Премиерот Заев го соопшти предлогот за новиот состав на Владата: 2019 е година на економијата, влегуваме со сите перформанси за граѓаните да ги почувствуваат придобивките

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев го соопшти предлогот со имињата за нови министри како дел од реконструкцијата на Владата на РСМ, што денеска се доставува до Собранието на земјата.

Премиерот Заев соопшти дека на Собранието ќе го предложи за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, кој доаѓа од самото министерство и е дел од тимот на досегашниот министер Љупчо Николовски.

За министер за животна средина и просторно планирање ќе биде предложен Насер Нуредини, за министер за култура Хусни Исмаили, за министер за локална самоуправа Горан Милевски, и за министер за политички систем и односи меѓу заедниците Садула Дураки.

Премиерот Заев во изјавата за медиумите информираше дека обврските на министер за финансии ги презема тој, и оваа функција ќе ја извршува во определен период заедно со функцијата Претседател на Владата на РСМ.

Во изјавата за медиумите, премиерот Заев им се заблагодари на министрите што досега им служеа на граѓаните и на државата, на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, на министерот за култура Асаф Адеми, на министерот за финансии Драган Тевдовски, на министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, на министерот без ресор за спроведување на рамковен договор и политички систем Хазби Лика, и на министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија Зоран Шапуриќ.

Со предложената реконструкција, новиот состав на Владата ќе брои едно министерско место помалку.
„Оваа година ја прогласивме за година за економијата. Влегуваме во таа насока со сите перформанси. Тевдовски останува до мене, најверојатно како советник. Тој е член и на Извршниот одбор на СДСМ. Следуваат храбри решенија, храбри одлуки од кои бенефит треба да видат сите граѓани, во социјалниот дел, во делот на земјоделието, платите…

Кога веќе се решени сите големи политички прашања, останува да го дигнеме стандардот, и верувам дека во следните месеци ќе имаме можност да покажеме сериозни постигнувања во менаџирање на финансиските ресурси во државата. Можеби е несекојдневно, поинаку, но и многу други работи се случија несекојдневно и за други крупни и храбри одлуки што се донесоа во овој период, заради сплотување на нашето општество, заради решавање на крупните прашања со Бугарија и Грција, заради НАТО членството, заради датумот за преговори со ЕУ. Сите стратешки определби беа вредни заради економскиот стандард на нашите граѓани. И еве влегуваме во тој перформанс, сите заедно вградени комплетно, без штедење за да граѓаните ги почувствуваат придобивките“, истакна премиерот Заев на прашањето поврзано со преземањето на позицијата министер за финансии во новиот состав на Владата на РСМ.
Во продолжение на своето образложение на ова прашање, премиерот Заев ги соопшти приоритетите во делот на финансиите и економските политики, и нагласи дека ребалансот на Буџетот, ќе се донесе на почетокот на есента.
„Она што е важно е на 1 јули да почне враќањето на ДДВ-то за граѓаните. На сите оние што кубат коси им препорачувам да престанат со тоа, затоа што во нашата земја никогаш не се враќале пари. Сега кога враќаме, некој ќе добие 12, 15 илјади или 20… и ова е добро, дај Боже да вратиме колку што може повеќе. Но, дефинитивно до 50 милиони евра од Буџетот ќе се вратат кај граѓаните. Ако проектот успева, бројките ќе растат. Граѓаните ќе добиваат повеќе пари за да го организираат својот семеен стандард. Главна задача во идниот период е порастот на платите. Не само кај здравството, и од 5 септември и кај голем дел од јавната администрација, туку сакаме да направиме и еден квантен скок на севкупното качување на платите. Ќе преземеме одредени конкретни чекори кои што ќе треба дефинитивно да го направат тој скок кон подобро на севкупните нето плати. Верувам дека до крајот на годината ќе имаме доволно финансиски капацитети за да ги покачиме и пензиите од 1 јануари идната година. Капиталните инвестиции се исто така многу значајни и во фокусот на вниманието и со сите механизми што ги имаме ќе заокружиме еден процес за да можат граѓаните директно да ја почувствуваат благосостојбата од тие промени“, дополни премиерот Заев.
Претседателот на Владата на РСМ Заев информираше дека во текот на следната недела ќе бидат соопштени и останатите кадровски решенија во институциите на извршната власт за да заврши процесот до крајот на овој месец.