Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, денеска оствари средба со резидентната координаторка на ОН во земјава, Росана Дудзиак.
Како што информираат од ресорното министерство, на средбата Фазлиу ја истаканал долгогодишната поддршка и соработка со УНДП, особено во спроведувањето на процесот на децентрализација.
Министерот воедно ја нагласил определбата на Владата за унапредување на процесот на децентрализација.
„Посветено се работи на овој план и преку проектите кои што во овој момент Министерството ги имплементира во соработка со УНДП, но се уште не можеме да бидеме целосно задоволни од функционалноста на општините, има потреба од натамошно развивање на капацитетите и ресурсите, за да можат општините да превземат нови надлежности“, посочил.
Резидентната координаторка на ОН, Дудзиак, покажала посебен интерес за приоритетите на Министерството во водењето на процесот на децентрализација, за капацитетите и ресурсите на општините и за нивните развојни можности.
Во разговорот било нагласено дека соработката на Министерството за локална самоуправа со УНДП ќе продолжи преку обезбедување на поправеден начин на финансирање, зајакнување на капацитетите за економски и социјален развој, развојот на локалната демократија и зголемување на транспарентноста и инклузивноста, како и во создавањето на услови за родово одговорно буџетирање и полесен пристап до услугите за лицата со попреченост.