20.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Јавна дискусија за концептот едно општество: Образованието и медиумите имаат моќ да го искоренат национализмот

Нацрт-текстот на Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија, за која во изминатиот период се организираат јавни дискусии во повеќе градови, денеска беше претставен на Универзитетот „Мајка Тереза“ (УМТ) во Скопје на иницијатива и покажан интерес од академската заедница на оваа образовна институција.

Како што информираат од владината прес-служба, во рамките на повеќечасовната дискусија за Националната стратегија говореле заменик-министерот за образование и наука, Петар Атанасов, Фатмир Битиќи, посебен советник за спроведување на Рамковниот договор во канцеларијата на премиерот, пратеникот Рубин Земон и ректорот на УМТ, проф. д-р Азиз Положани.

Заменик-министерот Петар Атанасов, кој е координатор за кластер-образованието, во својот воведен говор се задржа на потребата од донесување на Стратегијата, која, како што рече, треба да ја одрази суштината на нашето живеење, а истовремено да ја истакне потребата од успешно и функционално општество еднакво за сите, кое со правилно посветување уште од најмала возраст кај децата од предучилишна возраст, но и кај наставниот кадар во основното и средното образование, ќе создадат почит кон социјалните, етничките, националните, верските, културните и секои други разлики.

„Изминатите месеци со колегите се посветивме на академскиот пристап при изработката на суштинските елементи на Националната стратегија и еве тука сме да чуеме што можеме да подобриме, да надградиме. Мултикултурализам е кога имаме ваков заеднички документ, почитуван од сите. Важно е да кажеме дека ја согледавме потребата од зголемување на комуникацијата и јакнење на интеркултурализмот во нашата држава, да ја истакнеме потребата од почитување на јазиците“, истакна заменик-министерот Атанасов.

За Стратегијата и нејзините компоненти, како еден од основните столбови на работата на Владата и составен дел на нејзината Програма, говореше посебниот советник Битиќи, кој истакна дека таа е донесена за да се надмине поделбата во општеството по разни основи.

„Концептот едно општество за сите е признавање на сите различности и обезбедување еднаквост за сите граѓани во општеството, без разлика на нивната социјална припадност, без разлика на сексуалната ориентација или родовиот идентитет“, рече Битиќи, кој оцени дека за доследно спроведување на Стратегијата потребни се унапредување на спроведувањето на нормативите и меѓусебна соработка на локално ниво.

Пратеникот Земон, кој е вклучен во подготовката на Стратегијата уште од почетокот, истакна дека основата на мултикултурализмот е дијалогот меѓу заедниците, имплементирање на законските решенија, надминување на национализмот и почитување на заедничките вредности.

Ректорот на Универзитетот, Положани, се осврна на потребата од вклучувањето на наставниот кадар и медиумите како влијателни индикатори за создавање едно толерантно и напредно општество, кое ќе ја исполни потребата од разбирање на другиот.

Настанот го модерира професорот Ризван Сулејмани, кој исто така потенцира дека образованието е една од клучните елементи од каде што ќе се влијае на свеста на децата, кои подоцна како возрасни граѓани лесно ќе ги надминуваат национализмот, нетолерантноста и ќе знаат за компромис и почитување на еднаквост на правата на сите.

Професорите и претставниците на академската заедница се вклучија во јавната расправа со давање меѓународни примери за создавање генерации, кои ќе учествуваат во градење општество, кое ја почитува културната, верската и јазичната разноликост, но и ќе ги осудуваат расната и националистичката поделеност. Некои од нив понудија помош преку учество во проекти кои ќе придонесат за поквалитетно имплементирање на Националната стратегија, со цел поуспешно справување со предизвиците во општеството.

Спонзорирано: