22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Османи: Напредокот во евроатланските структури создава одлична клима за инвестиции

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на работната посета на Португалија оствари средба со Министерот за инвестиции и економски развој на Полска, Јежи Квиецињски, каде беа отворени темите за билатералната и економската соработка помеѓу двете земји.

„Пред само три дена Парламентот на Полска го ратификуваше протоколот за НАТО и дозволете ми ја честа да ви ја пренесам искрената благодарност на Владата и граѓаните на Република Северна Македонија, за континуираната поддршка од страна на Полска, како билатералната, инвестирајќи во напредокот на нашата земја, така и поддршката за нашие евроатлантски амбиции“, изјави Османи, посочувајќи и на улогата на Полска во креирањето на поддршката на процесот на проширување како во самата Европската Унија, така и во рамките на земјите од Вишеградската група.

Османи нагласил дека Владата дава силна поддршка за економски раст и развој на државата, преку мерки со кои се стимулираат нови инвестиции за технолошки развој и повисока конкурентност на македонските компании.

„Република Северна Македонија има извесна евроатлантска иднина, што создава поволни услови за странските инвеститори, како и посебна околина за севкупниот економски развој. Ние како Влада сме особено посветени да обезбедиме предвидлива и прифатлива околина за странските инвестиции кои се добредојдени во земјата“, рече вицепремиерот, упатувајќи покана и до Министерот Квиецињски за посета на земјава.

Претходно, како што информираат од неговиот кабинет, во рамките на повеќедневната работна посета на Португалија, Османи остварил средби и со Министерот за надворешни работи на Португалија, Аугусто Сантос Силва, како и со Претседателката на Комисијата за европски прашања во рамки на Парламентот на Република Португалија, Регина Бастос.