22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ИНТЕРВЈУИЗБОР

“Ако не можете да го јадете, не го ставајте на кожа” – Интервју со Даниела Павловска, сопственик на “Данини природна козметика”

Centar.mk интервју со Даниела Павловска, сопственик на “Данини природна козметика”

  • Во последно време се поактуелни се природните сапуни, креми, шампони.Што е разликата меѓу природните сапуни, креми и шампони, како што произведува ДАНИНИ и индустриската козметика?

Природните козметички препарати кои ги произведуваме се добиени исклучиво од природни масла, како што се араганово, кокосово, маслиново, јојоба, макадамија, масло од семки од грозје, рицинус, авокадо, бадемово, шеа путер и какао путер.Природната и органска козметика не користи препарати добиени од животински масти, освен мед.Единствени состојки од неорганско потекло кои ги употребуваме во нашите сапуни се натриум хидроксидот и калиум хидроксидот. Споредено со индустриските препарати за хигиена,во кои секогаш имате 20-30 хемикалии, кои и самите производители на тие препарати, поединечно или во комбинација, ги декларираат како опасни и отровни.Во буквална смисла, нашите производи ги добиваме од суровини кои се јадат, така што наша неофицијална девиза е „ако не може да се јаде, не го ставај на кожа“.


Природната козметика на ДАНИНИ не користи вештачки добиени бои, мириси или средства за презервација. Наместо тоа, користиме минерални пигменти, етерични масла и процеси кои овозможуваат нашите продукти да ги зачуваат своите својства одреден временски период (пократок од индустриски добиените козметички препарати) и да овозможат максимален природен ефект врз вашата кожа, тело и дух.

Со други зборови, нашите козметички производи се добиени од природни извори, проверени и користени со векови во исхраната и медицината, со користење на мал број одбрани процеси кои не ги менуваат природните и корисните карактеристики на маслата.

  1. Што значи терминот „Данини“. Како дојдовте до идеја за ова име и што Ве инспирира да произведувате природен производ?

Со самата одлука за регистрирање, беше потребно да одбереме име за компанијата. Станавме свесни дека тоа ќе го претставува брендот и името требаше да биде препознатливо,фонетично и во исто време, едноставно.Сопругот кој е љубител на италијанската култура,музика и јазик,уште на почетокот рече: „Тебе те викаат Дани..Чии се сапуните? Данини се или на Дани!“ И тоа беше тоа.Данини всушност е фонетска варијанта,присвојна придавка, изведена од моето име со тоа што го изговараме латинизирано со поместен акцент на првиот слог.Инспирацијата ја добивме од потребата на нашите деца. Кога ги користевме комерцијалните сапуни, на нивната кожа се појавуваше црвенило и чешање веднаш после секое капење. Тоа, верувајте, беше резултат на агресивните средства за лична хигиена кои се декларираа како бебешки, но всушност беа полни со хемикалии.

Затоа одлучив да истражам како може да се направи сапун со убав мирис и боја, притоа да не биде детергент како индустриските сапуни. Посетив неколку специјализирани обуки за изработка на природни сапуни и природна козметика. Откако научив, изработив неколку парчиња и по извесен период на користење од членовите на семејството, роднините и пријателите, добив несебична поддршка да го основам брендот Данини. Бренд на кој сме многу горди.


3.Спомнавте дека неофицијална девиза ви е“ако не може да се јаде, не го ставaј на кожата”. Може ли да го објасните овој концепт?

Ако погледнете брендиран козметички продукт, на самото пакување ќе забележите декларирани најмалку 20-30 хемикалии кои служат за најразлична намена. Овие хемикалии, преку кожата како најголем човечки орган, се апсорбираат и разнесуваат низ нашето тело. За нивните ефекти има повеќе студии, но сите се согласуваат дека тоа се хемикалии причинители на здравствени нарушувања меѓу кои и канцерогените.

Природните козметички производи на Данини ги стимулираат и поддржуваат природните функции и процеси на кожата и не наметнуваат или предизвикуваат различни физиолошки процеси како останатата козметика.

 

  1. Кожата е најголем орган на човечкото тело.Дали козметиката може да лекува?

Мој личен став е дека најдобриот начин на лекување е превенцијата. Природните сапуни, креми и шампони, пред сé, ги превенираат алергиските реакции, иритации на кожата кои ги создаваат индустриските производи.Инаку да, дефинитивно може да лекува, со тоа што го следи биолошкиот ритам на нашата кожа и ги поттикнува самокорективните функции.

Со оглед на тоа дека нашата кожа е одговорна за целиот организам, а освен тоа  како орган има и сопствени функции, мошне е битно да се поттикне нејзиниот природен начин на функционирање, а не дополнително да се оптовари.Кожата се третира како целосен орган и природните козметички препарати имаат задача да ги активираат нивните функции со што  кожата ќе стане здрав орган способен самиот да надминува сите неправилности.Природната козметика не создава зависност на кожата, туку ги ревитализира и хармонизира духот и телото.

 

  1. Кој е купувачот на производите од вашата палета? Се сеќавате ли на некое специфично барање од Ваш клиент?

Мнозинството наши клиенти се обратиле кај нас поради конкретен проблем кој го имаат со кожата или косатa.

 

  1. Каде може да ги најдеме вашите производи освен во продажниот салон во Македонска Каменица?

Производите на Данини ги има во повеќе аптеки во Македонија,прехрамбени продавници и продавници за здрава храна.Аптека Вива –Каменица, аптека Кертин-Делчево,Биомедика Фарм Берово,Росица и Галениум во Кочани,Биолек и Фармакон Штип, продавница за здрава храна Нутри во Прилеп и во Олпео ГТЦ Скопје.