22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Владата на РСМ денеска ќе ја одржи 127-та седница

Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи својата 127 редовна седница со повеќе точки на дневен ред од Програмата за работа на Владата и од интерес на граѓаните.

На денешната седница ќе биде разгледана Информација за реализација на Проектот „Младинска картичка„ на предлог на Агенцијата за млади и спорт, како и Информација во врска со отпочнување активности за спроведување на Стратегијата за развој на женското претприемништво во Република Северна Македонија 2019 – 2023, со Акциски план како предлог на Министерството за економија.

На оваа своја седница Владата на РСМ ќе се произнесе и по Информацијата за подготовка на ревидираната Методологија за следење на реализацијата на Програмата за одржлив локален развој и децентрализација во Република Македонија 2015-2020.

Секретаријатот за европски прашања за оваа седница ја предложи Информацијата за подготовка на Петнаесеттиот состанок на Поткомитетот за иновации, информатичко општество и социјална политика во рамките на Комитетот за стабилизација и асоцијација помеѓу Европската Унија и Република Северна Македонија, кој ќе се одржи на 11 април 2019, во Брисел.

На предлог на Министерството за труд и социјална политика денеска ќе биде разгледана Информацијата со Предлог за воспоставување на Ресурсен центар за родово одговорно креирање на политики и буџетирање (Center of Exellence on Gender Responsive Budgeting).

Министерството за финансии за денешната седница ја поднесе Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за Седумнаесетта емисија на обврзници за денационализација.

На денешната седница на Владата на РСМ ќе биде разгледан и Годишниот акциски план за спроведување на Национална стратегија за развој на интегрирано гранично уредување за 2019 година, како предлог на Националниот координативен центар за гранично управување.

Редовната 127 седница на Владата е предвидена да започне во 12 часот.