Centar.mk
СВЕТ

Хакирани 120.000 камери во домови и гинеколошки ординации во Јужна Кореја, снимки со експлицитна содржина продавани на интернет

Четири лица се уапсени во Јужна Кореја за наводно хакирање повеќе од 120.000 видеокамери во домови и бизниси и користење на снимките за креирање сексуално експлицитен материјал, што го продале на странска веб-страница. Полицијата објави дека обвинетите ги искористиле безбедносните ранливости во ИП (интернет-протокол) камерите, како што се едноставните лозинки, објавува Би-би-си.

ИП-камерите, или домашните камери, се поевтина алтернатива на традиционалниот видеонадзор. Тие се поврзуваат со домашна интернет-мрежа и често се инсталираат за безбедност или за следење деца и домашни миленици.

Хакираните камери биле лоцирани на разни локации, вклучувајќи приватни домови, караоке-соби, пилатес-студија, па дури и гинеколошка ординација. Во соопштението од Националната полициска агенција на Јужна Кореја се открива дека четворицата осомничени дејствувале независно еден од друг и не биле поврзани.

Еден од осомничените е обвинет за хакирање 63.000 камери и производство на 545 видеа со сексуална експлоатација, кои потоа ги продал за виртуелни средства во вредност од 35 милиони вони (речиси 24.000 евра).

Друг наводно хакирал 70.000 камери и продал 648 видеа за средства во вредност од 18 милиони вони (речиси 10.564 евра). Двајцата осомничени биле одговорни за приближно 62 % од видеата објавени на веб-страницата што нелегално ги дистрибуирала снимките во изминатата година.

Полицијата работи на блокирање и затворање на веб-страницата и соработува со странски агенции за да го испита нејзиниот оператор. Уапсени се и три лица осомничени за купување и гледање на материјалот.

„Хакирањето на ИП-камерите и нелегалното снимање предизвикуваат огромно страдање кај жртвите и затоа се сериозни кривични дела“, рече Парк Ву-хјун, раководител на сајбер-истрагите во Националната полициска агенција. „Гледањето и поседувањето нелегално снимени видеа се исто така сериозни кривични дела, па затоа активно ќе ги истражуваме“.

Властите лично ги посетија или ги известија жртвите на 58 локации информирајќи ги за инцидентот и давајќи им упатства за промена на нивните лозинки. Тие исто така им помагаат на жртвите да бришат и да блокираат содржина и работат на идентификување на други што можеби биле засегнати.

„Пред сè, клучно и ефикасно е индивидуалните корисници што инсталирале ИП-камери во своите домови или бизниси да останат будни и веднаш и редовно да ги менуваат своите лозинки за пристап“, се вели во соопштението на Националната полициска агенција./Извор:Makfax

Можеби ќе ве интересира

error: Соддржината е заштитена.