Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека Европа не е само набљудувач кога станува збор за иднината на Украина. По средбата со колегите од ЕУ, Вадефул изјави за германскиот јавен радиодифузен сервис ZDF дека Европејците цврсто стојат заедно и дека затоа нивните гласови ќе бидат слушнати и во Вашингтон и во Москва.
Тој најави серија онлајн-состаноци утре, организирани од германскиот канцелар Фридрих Мерц, на кои ќе учествуваат лидерите на Франција, Велика Британија, Италија, Полска, Финска, генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ, како и американскиот претседател, Доналд Трамп, и украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
„Важно е Трамп да го чуе европскиот глас и добро е што Германија јасно го пренесува. Европејците имаат голема тежина, едноставно затоа што имаат заеднички став“, рече тој.
Вадефул нагласи дека Европа останува јасна дека преговорите за иднината на Украина може да се одржат само по договорено и почитувано примирје и дека самитот в петок би можел да биде само почеток на дискусиите за условите за почнување мировни преговори.
„Самиот факт дека Украина сега е подготвена да разговара за статус кво е веќе отстапка бидејќи Русија ја окупира украинската територија кршејќи го меѓународното право“, рече тој. Тој нагласи дека одлуките за иднината на Украина може да ги донесе само Киев. „Европејците не може да дозволат некој друг да одлучи за тоа. Ние нема да го сториме тоа ниту, пак, САД можат“.
Тој додаде дека идниот мировен договор може да вклучува отстапки од украинската страна, но дека ова е прашање за кое ќе се одлучува подоцна. Разговорите оваа недела, рече тој, служат за создавање фер услови за овие преговори.
Вадефул заклучи дека иднината на Украина е поврзана со европската безбедност и дека европските лидери нема да стојат настрана додека одлуките се носат зад наш грб. „Европејците ќе продолжат да стојат покрај Украина, како што правевме во текот на целата војна“, рече тој додавајќи дека Германија останува на чело на таа поддршка./Извор:Makfax
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...