Прво, ајде да почнеме од базичните факти за кои никој не може да ги негира: во биографската книга на Ангела Меркел, таа секогаш до грло закопчана челична дама, строга ама правична Mutti, наеднаш ќе стане личност која весело ќе зборува и ќе ги открива своите тајни. Една од нејзините и највпечатливи тајни е онаа која ни вели дека го уважува нашиот бивш премиер Зоран Заев. Другите самонаречени државници од Балканот воопшто не ги спомнува.
Овој текст, се разбира, не е за челичната германска канцеларка, овој текст е за нашиот и вашиот бивш премиер Зоран Заев. Добро, Заев во мемоарите на Меркел е ставен во една полуреченица за преговорите околу името Македонија, ама тоа сепак нешто значи. Остантатите официјални премиери и самонаречени државници од овој регион, со исклучок на Милошевиќ (нотиран по лошо, а не по добро), никој не е спомнат од најмоќната жена на светот со име Ангела Меркел.
А кој е оној што себе се смета за државник, а не е спомнат во биографската книга на Меркел? Не е спомнат Борис Тадиќ, Александар Вучиќ, Никола Груевски, Мило Ѓукановиќ… Не е спомнат планетарно познатиот лeвичарски интелектуалец Јанис Варуфакис, а не е спомнат ниту бившиот премиер на Британија Борис Џонсон. Сакам да ви кажам: познатите личности, на пример рок-sвездите или политичарите, обично користат автобиографии само за да се пресметаат со оние со кои се замериле; Ангела Меркел, а можеби таков е (источно)германскиот манир (?), сепак одлучила дека сите оние кои и’ стапнале на „жуљ“, дополнително ќе ги навреди така што нема да ги спомне во својата автобиографија.
Ете, нашиот храбар Заев, па дури и во една полуреченица, беше спомнат во нејзината автобиографија. Внимавајте, 16. години Ангела Меркел беше најмоќната жена која го дрмаше светот. Внимавајте, велам го дрмаше светот! Ако некој мисли дека таа полуреченица е малку, јас би рекол обратно – Less is more.
Уште еден неверојатен факт за Заев: овој човек е од село Муртино. Не е од Малибу Калифорнија, не е од Беверли Хилс, не е од Менхетен, не се школувал ниту на Оксворд, ниту на Кембриџ… Уште сега се смешкам под мустаќ и замислувам како врескале од страв и бес струмичани, кога од село Муртино сакал да биде градоначалник на Струмица во својот прв мандат; и уште сега се лутам на нашето „еманципирано граѓанство“ кое во Скопје го дочека на нож, прво како лидер на опозициската СДСМ, а подоцна и како премиер.
Е, тука е мојата идентификација со Заев; во исклучувањето, тука е мојата емпатија за тој човек, тука е мојата „врзалка“ – таквиот малограѓански фашизам и’ денес циркулира низ нашите градски и приградски Махала. И тука ќе се поврзам со секој еден граѓанин кој не мора да биде Заев и не мора да биде бивш премиер.
Исклучен ли си, те исклучувале ли (?), знај – ти си мој човек!
Врати се од кајшто си дојден, на оваа реченица моите образи веднаш вцрвенуваат од бес затоа што оваа реченица е полна со малограѓански фашизам. Оваа реченица многу добро ја разбира бившиот премиер Заев, оваа реченица ја разбира „мојот премиер“, е тука лежи нашата поврзаност, ова е чвориштето на мојата поддршка кон него сите овие години затоа што двајцата ја живее(в)ме оваа реченица „Врати се од кајшто си дојден“.
Сите идиоти на овој свет мислат „да припаѓаш“ на одредено место значи дека ти си благословен од Бог, што е, се разбира, ноторна будалштина и очајна неписменост. Ти си од тамо само затоа што околностите се створиле ти да бидеш од, на пример, населба „Чубура“, или „Дедиње“, или бидеш „стар сплиќанин“, или „стар скопјанец“… Околностите за тоа се виновни, ама тоа полуписмените „стари“ вакви или „стари“ такви тоа не може да го знаат затоа што никогаш не излегле од своето родно место.
Јерговиќ вака велеше за ваквиот малограѓански и ситен фашизам: „ко није изашо из свог родног мјеста, он је још у курцу“.
Jaс никаде не се чувствувам како домашен. Уште откако излегов од пелени, јас дури и во моето родно или полуродно Кичево се чувствував како странец. Моите градови, кои подоцна ќе станат „мои градови“, се оние градови во кои ќе почне да им се случува некоја опасна неволја. А со таа неволја и луѓето од тие градови ќе стануваат мои луѓе од тие градови.
Имено, има нешто страшно провинциско, има нешто страшно непријатно и страшно непристојно во тоа што ти некаде се чувствуваш како „домашен“. Од сите чувства за припаѓање, за идентитет, за некое место, за некое време, мене таквото чувство за припадност на некое место, и тоа претерување околу некое место, од секогаш ми предизвикувало максимална вознемиреност и максимална анксиозност.
Кога ќе тргне онаа приказна како некој е „стар скопјанец“ или „стар кавадарчанец“, или „стар дебар маалчанец“, или „стар белграѓанец“, или „стар сплиќанец“, кај мене се јавува некое руменило. Ваквите работи ги употребуваат луѓе кои единственото достигнување во животот им е да бидат „стари од некаде“. И’ уште се фалат со нешто за кое со ништо немаат допринесено да бидат тоа за кое се претставуваат дека се. Да се родиш некаде е само сплет на околности, и ништо повеќе и ништо помалку.
И секогаш ваквите говоранции во себе содржат елементи на исклучување. А елементот на исклучување лежи во емоцијата која ти ја натура в глава „староседелецот“, така што кај тебе треба да се развие вина и’ да се почувствуваш како туѓо тело. Јас не ја сакам помислата дека покрај мене некој, било каде и во било кое време, би се чувствувал како странец.
Со Заев никогаш не се чувствував како странец, туѓ или дојденец.
На крајот, би сакал да го кажам и ова. Во основа, луѓето живеат предолго. Во оваа констатација треба да ме вброите и мене. Живееме подолго одошто таквото живеење е за наше добро. За работите да бидат полоши, живеевме во време во кое од нас не се бараше некој посебен труд, затоа се избрукавме сите.
Ама не и Зоран Заев.
Понекогаш мислам дека Зоран Заев не е од ова време, затоа што тој човек живее во некое апсолутно мета-време. И тоа кое го направи во политиката особено последните 10. години беше безвременско. Не по правилата на нашите морални вредности кои секогаш се врзани за нашето време и нашиот простор.
Да се биде храбар, да се биде главна матица за соборување на режим, да се решат работи кои пред тебе никој не ги решил, претставува проклето тешка работа. А тешка работа е затоа што и убавината е проклето тешка работа. А храброста и вербата во нов свет е работа на убавина, подеднакво како што е работа и на уметност.
Зоран Заев си го носеше своето селско потекло, подеднакво како што си го носеше својот македонски идентитет, а подеднакво ја носеше и својата космополитиска и светска оставштина која ја имаше во себе заради тоа што знаеше што значи да се биде исклучен и дезинтегриран. Од неговото исклучување, што значи практично од ништо, Заев создаде нов свет за сите нас. Така го носеше и своето херојство и својата огромна човештина за сите, без разлика на боја на кожа, идентитет, раса, потекло или припаѓање.
Секогаш беше антивоен и на страна на жртвите, никогаш на страна на џелатите. А денес оваа култура е на страна на џелатите, што значи тешко на таа култура која е на страна на таквите.
Затоа проклето добар беше како политичар. Токму затоа ќе биде многу поголем од сите нас за сите времиња.
Кога седев пред некоја ден со „мојот премиер“ Зоран Заев, ми беше констатно срам, а со тоа сакам да кажам дека јас не сум достоен на неговата храброст и жртва што ја даде за сите нас. И сега ми е срам, затоа што мислам, всушност сум сигурен, што и’ да кажам за тој голем човек од кој никогаш нема да се откажам, ми се чини дека е премалку. И всушност невозможно е од Заев човек да се откаже.
Популарноста е опасност на која се изложуваме заради вербата во нашите вредности. Само како би ја обнародиле вистината или одбраниле некој вредносен суд, од мнозинството кое е заслепено од пропаганда, остратеност и незнаење, мнозинство кое одбива да ја прифати вистината прво за себе, а потоа и за другите.
Додека има такви луѓе, а таквите луѓе низ целиот свет секогаш ги има малку, доброто се’ уште не е поразено.
Пишува: Ненад Јовановиќ
Текстот е личен став на Авторот.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.