15. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.СТАВ

На Филипче му треба нови луѓе за нова социјалдемократска политика

Знаете што се тоа колумнисти? Тоа се сорта од луѓе кои додека пишуваат „за другите“, во основа пишуваат за себе и својот внатрешен свет. Па, ајде сега и јас, во овој петочен текст да тргнам од онаа друга точка, што значи – од себе. 

Кога беа на власт социјалдемократите (алијас „комуњарите“), сенешто ми се припишуваше на моите (не)мали раменца. Прво и најважно, сум бил „пун ко брод“, оти, нели, на милост сум на власта, поточно сум бил еден од „најсилните апологети на Заев“. Што значи сум ширел апологетство и полтронство, а тоа, нели, во светот на чиновниците и „вмроовската“ памет се плаќало со масни пари. Од друга страна, не знам дали знаете, веќе кога сме тука, огромен број на граѓанство во земјава мисли дека кога човек ќе оди на „телевизорот“, тамо некои чичковци и тетки плаќаат пари за тоа што го зборувате. Страшна и неточна предрасуда. 

Еднаш, така, само што дојдов од едно телевизиско гостување, влегов дома како што понекогаш и влегувам – тајфунски и екстатично – тогаш кога сум „баш погоден“, и често ја употребувам синтагмата: „кај сте фамилијо, изроди едни!“ (смех); одам до кујната, а мојата драга на прва: „кај ти се парите, воле едно. Брбори цел град, си имал четиристотини илјади евра жива пара“.  

Веднаш се бркнав во џебот, и како прав господин човек, извадив, се присеќавам, две илјади и триста денари: „еве, невесто, на овие ли мислиш“? 

„Немој да се правиш улав, вади ги парите“ – ми вели мојата драга, и уште ми вели: „цел град зборува, полн си бил со пари“. 

Седнав малку, колку да си придојдам на себе, сепак, ќе признаете, импонира тоа кога за себе ќе слушнете дека сте полн со пари; а ја, глупав и наивен како што ме дала мајка природа, никогаш не сум бил ниту приближно ситуиран, а камо ли полн, па, некако се почувствував горделиво. Да не’ речам дека кога ги слушнав таквите зборови (од пари!), почна да ми се дига… моралот!

Добро, помина тоа што помина, со тек на време, гледа мојата драга дека сум богат како црквено глувче. Сфаќа и таа кутрата дека се работи за нахушкана толпа, а ја си продолжувам со филмот: бранам, напаѓам, зборувам…; ангажиран сум, си го терам тоа што најдобро го знам и умеам. Им читам дома што рекол Басара, им читам дома што рекол Адорно, Бадју, Бодријар, им читам дома што рекол В. Иванчиќ, им читам дома што рекол Б. Дежуловиќ или А. Николаидис, им читам дома што рекол Славој Жижек…

Ајде овие што ми ги цитираш, вели мојата драга, некако и’ да разберам оти не ми се познати. Ама тија Жижек нели умира, мајка му да ја ебам, ми ја обеле и горна и долна со него

Втората работа која ми ја припишуваа на моите (не)мали раменца беше и тоа дека сум „дошлак“ и „дојденец“; „дојденец ли нас ќе ни објаснува“(?), „он ли овде се најде најпаметен“(?)… Локалците ги навредуваше моето зборување, начинот на изразување, ги навредуваа културните кодови со кои ги изговарав зборовите и речениците. А јас се обидував само да ја поместам „маргината“, да го насочам вниманието и влијанието подолу од центарот. 

Се’ што ме интересираше беше „проширувањето на полето на борба“ (М. Уелбек), поточно, се’ што ме интересираше е да го погледам од близу тој мејнстрим свет за кој низ годините сум го читал и слушал на телевизиските кутии. Откако му се доближив, разбрав дека „врвот е дно. А ако барате љубов и вистинска политика, барајте ги на маргините или рабовите на општествата, никогаш во центрите“. (А. Николаидис)

Кога СДСМ падна од власт, на мојата драга разни луѓе и’ приоѓаа со овие реченици: „Леле, драга Мике, Ненад ништо не направи…“ Разбраа дека ниту сум влегол во „бизмис“, ниту сум направил пара, па некако почнаа да ме сожалуваат, оти нели, политика било „бизмис“. Глуп сум бил како коњ, или носорог, сосема сеедно, таков беше впечаток за мене, таков е и денес.  

Има политиката моќ во себе: луѓето ви зборуваат работи кои сакаат да ги видат кај себе. Значи, во оваа земја ако си близок до власта, или ги браниш и афирмираш политиките во кои веруваш, треба да се „наполниш како брод“; а, ако не се наполниш како брод, тогаш си глупав како магаре. 

Мило ми е што ова го расчистивме низ еден сатиричен ламент. А сега да се вратиме на полето на таа гадна, брутална и одвратна политика.

Од сите „јавни личности“ во земјава, успеав да ја задржам сопствената (не)компромитираност, затоа што финансиски, материјално или имотно, немам ништо. Буквално. Не гаам „култ на сиромаштија“, ниту ми е тоа на ум, едноставно сакам да кажам дека ниту сум се офајдил од политика, ниту тешко сум се набалирал со пари. За некого тоа значи дека сум и’ длабоко неуспешна личност, ама за работите во кои веруваме, јас можев само да изгубам, а не и’ да добијам.

Од сето горенаведено, мислам дека го имам секое суверено право да го кажам и’ тоа: пратениците со кои Венко Филипче е опкружен му претставуваат терет. Не само нему лично како претседател, туку и на партијата која ја претставуваат. 

Тие луѓе се длабоко потрошени. Време е за нови лица, нова сила, нова енергија и, ако сакате – нова емоција во социјалдемократската партија. Нови лица во СДСМ мора да има. Лица на млади луѓе кои немаат никакви историски петна и компромитации од секаков вид. СДСМ како политичка партија форматирана е и историски (не само денес): на внатрепартиски „класни војни“, затоа и денес заврши на очајни 15-тина пратеници. 

Денешните пратеници на СДСМ немаат никакво упориште помеѓу поширокото граѓанството. Или ако го имаат, тоа е така очајно и слабо. Тие луѓе нешто емитуваат на собраниската говорница, ама тоа ниту се памти, ниту се забележува. Еден пријател ми вели: „јас така омразени пратеници не сум видел“. 

Не се обидувам во овој текст да ги скандализирам или демонизирам пратениците на СДСМ, јок, море! Ниту тоа ми е целта. Едностaвно секој политичар кога гледа дека јавноста го исвиркува, време му е да се повлече. Време е копачките да се обесат на закачалка и’ се обидат во друг спорт. Време е за нови луѓе во СДСМ. 

Добро, може и обратно: нема да се повлечат, ќе подриваат, ќе се бранат дека добиле мандат од граѓаните… И ќе бидат во право, ама тоа нивно право не’ треба да биде од естетска, туку од морална природа. И’ ако сакаат навистина СДСМ со Филипче да јакне, ако сакаат повторно СДСМ да стане важна и политички релевантна партија во земјава, нему (на Филипче) и неа (на СДСМ) им треба нови луѓе. 

Во спротивно, и на следните „предвремени“ парламентарни избори (?), СДСМ ќе слабее, ќе се разјадува, внатрешните кризи ќе продолжат, а тоа совршено му одговара само на еден човек што држи безмалку 2/3 пратеници во своите (лепливи) рачиња, a со тоа ја држи и’ цела земја во неизвесност и дополнително страдање на граѓаните.

Е сега, зошто сето ова воопшто ни е важно? Не заради катастрофалниот пораз на парламентарните избори (за жал, не сум злопамтило!), туку што од овој „случај“ избива нешто кое јасно се профилира како законитост. 

Имено, еден немалку занемарлив слој на „прогресивна интелегенција“ никако не успева да се собере и разбере што сака од себе и светот, и секогаш лавира измеѓу две емотивни крајности, а јас мора да признаам дека двете крајности ми се неразбирливи. 

Фаза 1: зачленување во партија или основање на нова (случајот ЗНАМ е доволен индикатор произлезен од СДСМ); лошо прикриена нетрпеливост, тврдо уверување дека можеш да замениш стожерна партија… 

А порано или подоцна се појавува фаза број 2: помпезно излегување од партија, громогласно „разочарување“ во расчекор со праксата и идеологијата, недостаток на желба или неуспех да не’ се пронајдете во нов ангажман, и запаѓање во некоја врста на „нихилистичко лебдење“: со таква партија и со такви политичари не треба човек да има никаква врска и слични дрн-sврц срања!

Резултатот? Резултатот го видовме. Се плашам дека допрва ќе го видиме. Е, сега, или јас сум голем кавгаџија или се работи за „фини луѓе кои никако да фатат корен“, што би рекол Хармс. 

А јас, како вчера, така и денес, не сум закачен на партиска функција, ниту бев закачен кога беа СДСМ и Заев најјаки. Глупав си останав, не фатив „бизмис“, затоа што и тогаш, а богами и денес, инсистирам на Хармс, таквиот и понатаму е најдобриот македонски и политички, да ми простите, „аналитичар“. 

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.