23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Канцеларот Шолц го разреши министерот за финансии, Линднер, ФДП стави крај на владејачката коалиција

Германската Слободна демократска партија (ФДП) ќе ги повлече сите свои министри од германската влада, откако канцеларот Олаф Шолц во средата го разреши министерот за финансии на партијата Кристијан Линднер.

Со ова, според германските медиуми, ФДП става крај на владејачката коалиција.

Шолц најави дека на 15 јануари во Бундестагот ќе побара гласање за доверба на владата и додаде дека нови избори би можеле да се одржат најдоцна до крајот на март 2025 година.

Спопред светските медиуми, Германија влегува во период на политичка неизвесност откако нејзината кревка трипартиска владејачка коалиција се распадна истиот ден кога Доналд Трамп победи на американските избори. Канцеларот Олаф Шолц, кој најави гласање за доверба во јануари, по кои најверојатно ќе следуваат предвремени избори во март, ќе се обиде да ги увери своите европски партнери на самитот во Будимпешта, стои во написите.

Шолц доцна вчера изјави дека ќе се обрати до конзервативниот опозициски лидер Фридрих Мерц, кој води во анкетите, за поддршка во усвојувањето на клучните економски и одбранбени закони. Крајот на неговата поделена трипартиска коалиција, која го лишува од владејачкото мнозинство, не може да дојде во полош момент за најголемата европска економија, која ќе се намалува втора година по ред, пишува француската новинска агенција АФП.

„Праниот крај на коалицијата ја остава Германија донекаде без кормило во она што може да биде исклучително турбулентно време веднаш откако Доналд Трамп победи на изборите во САД“, напиша аналитичарот на банката Беренберг, Холгер Шмидинг.

Но, Шмидинг рече дека предвремените избори и новото раководство на почетокот на 2025 година на крајот би можеле да помогнат бидејќи „постојаните внатрешни борби во рамките на сега веќе непостоечката трипартиска коалиција се претворија во голема пречка за растот“.

„Не можеме да си дозволиме да се расправаме уште една година. Германија е важна во Европа и ако владата не може да го исполни тоа, тогаш мора веднаш да направи простор“, рече пратеникот на ЦДУ Норберт Ротген по победата на Трамп и пред колапсот на коалициите.

Вчера лидерот на ЦСУ во јужната покраина Баварија, повика на итно гласање за доверба, предупредувајќи дека „не смее да има тактички одложувања“. Неодамнешните анкети даваат поддршка на сојузот ЦДУ/ЦСУ околу 32 отсто – повеќе од вкупната досегашна владејачка коалиција – СПД со 16 отсто, Зелените со 11 отсто и ФДП со само околу четири отсто, пренесуваат медиумите.

Екстремно десничарската Алтернатива за Германија (AfD) неодамна освои близу 20 проценти, но досега сите други партии ветија дека нема да соработуваат со неа. Според сегашните трендови, доколку победат конзервативците, сепак ќе им треба коалициски сојузник за мнозинството. Ова, според анализите, ги зголемува долгорочните изгледи за нивната лево-десна „голема коалиција“ со СПД./Извор:Makfax