Експлозијата се случила синоќа на 500 метри од израелската амбасада во главниот град на Данска, Копенхаген, соопшти градската полиција.
Ова се случи пет дена по нападот на зградата на ова дипломатско претставништво.
„Се разбира, се обидуваме да утврдиме дали тоа би можело да биде поврзано со инцидентот во израелската амбасада“, изјави за новинарите инспекторот на полицијата во Копенхаген, Трине Милер, но додаде дека „ништо не укажува дека тоа е така“.
Фотографиите објавени во локалните медиуми покажуваат траги од експлозија пред станбена зграда, која се наоѓа на 500 метри од израелската амбасада.
Ноќта на 1 и 2 октомври во близина на Амбасадата се забележани експлозии, најверојатно предизвикани од фрлање рачни бомби, а тоа е поврзано со ширењето на конфликтот на Блискиот Исток, пренесуваат медиумите.
Според обвиненијата, двајца млади Швеѓани на возраст од 16 и 19 години се осомничени дека носеле пет бомби и дека две од нив наводно паднале на 100-ина метри од Амбасадата.
Ним во четвртокот им беше одреден 27-дневен притвор. Два дена подоцна полицијата објави дека обвиненијата против нив се проширени со прекршување на законите за тероризам, без дополнителни детали.
Во вторникот беше пукано во израелската амбасада во Стокхолм, нема повредени.
Шведските разузнавачки служби не ја исклучуваат вмешаноста на Иран во двата инцидента, според написите на светските агенции./Извор:Makfax