24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Планот на ВМРО-ДПМНЕ е Македонија да биде изолирана, скарана и поделена, смета Филипче

На денешната прес-конференција претседателот на СДСМ Венко Филипче порача дека веќе е донесена одлука Албанија и Македонија да бидат раздвоени во евроинтегративниот процес, што значи дека Албанија ќе добие зелено светло за продолжување во втората фаза на преговорите со ЕУ и отворање на првиот кластер.

Тоа, додаде Филипче, е пораз за политиките на Владата на планот на европската интеграција на државата, но пред се, огромна катастрофа за иднината на граѓаните.

Лидерот на опозицијата посочи дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ на граѓаните им сервирале изборна измама, осврнувајќи се на планот на владејачката партија.

„Велеа, планот ќе се соопштеле откако ќе победат на изборите. Па еве денес, откако доживеавме тежок пораз, ги прашуваме, кој е планот? Кои се роковите на планот ако воопшто постои? До кога ќе бидете фиктивна опозиција во државата и нема да преземете одговорност и чесно да кажете што ќе се случува со оваа земја? Сега Македонија останува изолирана, без јасен план и стратегија како ќе продолжиме напред. За само 100 дена, Владата ја закопа последната надеж дека тука некогаш подобро ќе се живее. Политиките на ВМРО-ДПМНЕ кои служат само за ширење популизам и лажен патриотизам ни носат само меѓународна изолација, економска стагнација и внатрешни тензии. Осиромашена, безнадежна, внатрешно раскарана и раселена – ова е планот на ВМРО-ДПМНЕ за Македонија“ порача Филипче.

Осврнувајќи се на Преговарачката рамка и потребни уставни измени, Филипче истакна дека тоа е најдобриот начин како држава да се заштитиме од натамошни барања и уцени

„Тоа е единствениот начин веќе за секој проблем со кој може да се соочиме, да биде решаван во рамки на ЕУ пред сите членки, а не само Бугарија. Тоа е начинот веќе да нема билатерилизација на проблемот. Со почеток на разговорите ние веќе никогаш нема да преговараме со Бугарија туку со ЕУ и таа е гаранцијата за нашиот пат кон членство“ порача тој.