Интегрален текст од денешната прес-конференција на Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ:
Почитувани,
Секојдневно ДПМНЕ ги поткопува стабилните меѓународни позиции што ги изгради СДСМ. После посетата на Сиљановска и министрите на Мицкоски во Софија, сите граѓани без разлика на партиска припадност се понижени и засрамени.
Вчерашната реакција на кабинетот на Сиљановкса само потврдува дека Владата и претседателот на оваа држава ги лажат граѓаните. Како тоа биле тие измамени и непланирано се сликале на официјална фотографија? Како ако биле измамени да се фотографираат сите без македонското знаме, одма побрзаа да ги објават фотографиите на своите профили. Зошто објавиле фотографии ако целата ситуација била подметната?
ДПМНЕ и Сиљановска ја вреѓаат интелигенцијата на граѓаните. Тие свесно се сликале, свесно објавиле и се пофалиле со скандалозната посета.
Почитувани граѓани,
Со оваа посета на Софија, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ ја загрозија македонската самобитност и македонски идентитет. За прв пат еден македонски државник се сретнал со друг државник без никакви државни обележја и ова е скандал без преседан. Ова е навреда и омаловажување на државата и нејзините граѓани.
Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ иницираа дипломатски скандал со кој допуштија Бугарија да ја понижи и да избрише под со државата и македонските граѓани.
Ако ова е тоа што го може македонската дипломатија под водство на Мицкоски и Сиљановска, како тоа ќе преговараат подобри позиции во меѓусебните разговори? Сиљановска ли е таа која ќе ги води овие разгвори или пак Муцунски кој остана нем и без реакција на дипломатскиот скандал кој ни се случи?
Јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ нема капацитет, а уште помалку достоинство за да преговара со Бугарија на било која тема. По овој скандал тие ја вратија државата години назад и ги нарушија сите позиции изградени претходно.