23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Работен состанок на министерот Тошковски со претставници на Меѓународната организација за миграции

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска (25.06.2024) одржа работен состанок со Лаура Лунгароти, субрегионален координатор за Западен Балкан на Меѓународната организација за миграции (ИОМ) и Соња Божиновска Петрушевска, шеф на канцеларијата на ИОМ во Република Северна Македонија.

Претставниците на ИОМ му честитаа на министерот Тошковски за изборот и му изразија поддршка за најавените реформи во Министерството за внатрешни работи.
Г-ѓата Лунгароти го истакна значењето на добрата соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи и ИОМ, особено во делот на граничното управување.

За време на состанокот г-ѓата Лунгароти го информираше министерот Тошковски дека во моментот ИОМ е фокусиран на областа поврзана со доброволно враќање на мигранти, како еден од главните приоритети на Европската Унија и очекува успешна соработка и поддршка од страна на Министерството за внатрешни работи во овој дел.
Претставниците на ИОМ нагласија дека досегашната материјална и техничка помош што му беше пружена на МВР преку проекти финансирани од страна на ЕУ ќе продолжи и понатаму, како и дека ваквата поддршка може да биде зголемена во блиска иднина.

За време на состанокот министерот Тошковски им се заблагодари на г-ѓа Лунгароти и г-ѓа Божиновска Петрушевска за поддршката која што Меѓународната организација за миграции ја дава на Министерството за внатрешни работи.

Министерот Тошковски истакна дека министерството за внатрешни работи ќе работи кон јакнење на капацитетите за обезбедување на државните граници особено во делот за интегрираното гранично управување,а во исполнување на оваа цел ќе биде потребна поддршка и од страна на ИОМ.