Денеска (14.06.2024) министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Назим Буши оствари работна средба со делегација од Министерството за внатрешни работи на Република Косово, предводена од полковник Ракип Буњаку, еден од претседателите на Заедничкиот експертски комитет на Република Косово и Република Северна Македонија.
Министерот Буши, пред започнување на официјалниот прв состанок на Заедничкиот експертски комитет на Република Северна Македонија и Република Косово, уште еднаш ја потврди важноста на потпишаниот Договор за соработка помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Република Косово за заеднички гранични премини „Блаце – Елез Хан“ и „Јажинце – Глобочица“, кој кон крајот на 2020 година беше инициран од косовска страна, а прифатен за понатамошно разгледување од македонска страна. По заеднички консултации, преговори и заклучоци од двете Влади, на 18 септември 2023 година, Договорот беше потпишан од страна на двајцата министри за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Република Косово, а по ратификување на истиот, на 8 февруари 2024 година, согласно член 7 точка 2 од Договорот, беше формиран Заеднички експертски комитет.
Министерот за внатрешни работи г. Назим Буши се осврна на целта на предметниот договор, односно воспоставувањето на заеднички гранични премини „Јажинце-Глобочица“ за поедноставување и олеснување на движењето на лица, возила и влез и излез на празни товарни моторни возила и „Блаце – Елез Хан“ за поедноставување и олеснување на движењето на лица, возила и стоки. Тој потенцира дека интерес на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија е унапредување и продлабочување на билатералната и оперативна меѓународна соработка со Министерството за внатрешни работи на Република Косово, изразена, меѓу другото преку заложбите за подобрување и развивање на регионалната соработка, подобрувањето на меѓународните билатерални односи и продлабочување на прекуграничната соработка. И секако, со стапувањето на сила на овој Договор и неговото спроведување, значително ќе се обезбеди поуспешно спроведување во зацврстувањето на соработката во областа на граничната контрола и безбедност, и непречено движење на граѓаните од двете земји. Сето тоа, со цел продолжување на соработката на двете држави.
На денешниот прв состанок на претставниците на Заедничкиот експертски комитет на двете страни, се очекува финализирање на техничкиот дел и реализирање на одредбите од Договорот.