Во текот на изминатите денови непознати сторители уништиле дел од урбаната опрема во Капиштец , Водно и Дебар Маало. Станува збор за клупа и дел од реквизити од детските игралишта „Партение Зоографски“, Славка Недиќ и новото игралиште близу т.ц Зебра. Искинати се кабли и уништени се лулашки и огради, а со тоа и оневозможена е детската игра за најмалите. Поради овој и слични вандалски однесувања градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски ги повикува поединците кои ја уништуваат урбаната опрена да престанат да го прават тоа, а граѓаните да ги пријавуваат оние кои ќе ги затекнат во вакви дејствија.
„На годишно ниво Општина Центар извојува од 3 до 5 милиони денари за оштетена јавна опрема. Наместо овие средства да бидат искористени за нови детски игралишта на локации каде сега ги нема. Воедно уништената урбана опрема значи, недостаток на место за седење во блискиот парк, простор за оддишка на пензионерите или мајките со деца, помалку лулашки или лизгалки во детските паркови и игралишта. Уништената урбана опрема е лицето на нашето однесување и сликата за нашата свест. И треба да се запрашаме каде одиме. Штетата што се прави на јавно-прометните површини е во количини што не се за потценување затоа апелирам до сите оние поединци или група вандали да не ја уништуваат урбаната опрема и истовремено замолувам граѓаните кои ќе забележат несоодветно однесување и уништување на јавното добро да го пријават во полициска станица“, посочи Герасимовски.
Општина Центар ги известува граѓаните дека во ноќните часови детските игралиште се користат како места за собирање и консумирање алкохол, а наутро општинските служби чистат искршени стаклени шишиња и срчи. Општина Центар апелира за внимание и од страна на родителите за постапките и однесувањето на своите деца.
Општина Центар потсетува дека уништувањето на урбаната опрема претставува прекршочно дело за што следуваат казни од надлежните институции. Со цел да го заштитиме јавното добро градоначалникот Герасимовски ги повикува граѓанските организации, месните и урбаните заедници да се вклучат во подигањето на свеста за зачувување на урбаната опрема, како и да се вклучат во конкретни активности кои ќе придонесат за подобрување на актуелната состојба. Сите имаме одговорност да ја чуваме околината и јавните добра.