Кандидатот за претседател на Република Македонија, Стевчо Јакимовски денеска во Државната изборна комисија не го потпиша Кодексот за Фер и демократски избори.
Образложувајќи ја неговата одлука, Јакимовски рече дека одредени претседателски кандидати се фаворизирани наспроти другите и дека тоа се гледа и по распределбата на финансиски средства.
„За да можеме денеска да бидеме овде, ние пред себе имавме два услова, а тоа се или да не кандидираат 30 пратеника или да собереме 10 000 потписи. Денеска дојдовме да потпишеме Кодекс за фер и демократски услови во кој, жал ми е што јас морам тоа да го кажам, одредени кандидати се максимално фаворизини, земајќи големи средства и кога ќе поделиме ќе видиме дека потписот што граѓаните го дале за нив, вреди 97,5 евра, а потписот што е даден за нас вреди 12,6 евра и ние сега треба да зборуваме за фер и демократски избори. Тоа ќе го голтнеме, но утрово ја добив веста дека се откажува мастер дебатата и мислам дека тоа не е во ред, не оди во духот на развој на демократските процеси“, рече Јакимовски.
Претседателскиот кандидат Јакимовски во своето обраќање јасно кажа дека нема да го потпишува Кодексот се додека не се организира дебата помеѓу сите претседателски кандидати.
„Навистина е чудно, на локални избори да одиме на три дебати, каде разговараме за канализации, водоводи и паркови, а кога треба да разговараме за битни држвни работи, да немаме ниту една дебата. Мене ми е жал што ова го кажувам, длабоко се извинувам, јас Кодексот ќе го почитувам, но ако немаме дебати јас кодексот нема да го потпишам. Жал ми е што ова ви го кажувам. Јас на локалните избори имав нула средства за реклама, но имавме дебати. Сега со вакви минимални средства и плус се откажуваме од дебатите, сметам дека тоа не е во интерес на граѓаните и јас претседателе би ве замолил да ветите дека ќе организирате дебати и јас немам пробелм. ќе го потпишам Кодексот, во спротивно не сум подготвен. ДИК е должна да ги обезбеди сите услови за фер и демократски избори“, порача Јакимовски.