Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска го посети Сојузот на здружение на пензионери, каде оствари работен состанок со претставници на Здружението.
На средбата се говореше за стандардот на пензионерите, кој значително е подобрен и ќе породлжи да се подобрува благодарение на зголемувањето на пензиите како и мерките за заштита на животниот стандард на оваа категорија граѓани. Претседателот Ковачевски истакна дека СДСМ како партија на која солидарноста и е една од најважните вредности ќе продолжи да се грижи за оваа категорија граѓани и во иднина. На состанокт се разговараше и за новата програма на СДСМ, во која се опфатени и пензионерите.
Во продолжение ви ја пренесуваме интегрално изјавата на претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски:
Најпрво сакам да се заблагодарам за состанокот кој што го имавме со Сојузот на здружение на пензионери и секогаш ми е задоволство кога сум тука со пензионерите, соработката која што сме ја имале, која што ја имаме и која што ќе ја имаме како Социјалдемократска парија со пензионерите секогаш била отворена и секогаш сме имале редовна комуникација.
Јас тоа и го потврдувам бидејќи бев и во ССМ и во Сојузот на пензионери денес, пред тоа и во Стопанската комора и тоа е начинот на кој што треба да се функционира и да се има еден социјален дијалог и еден економски дијалог со сите најважни чинители во општеството.
Кога станав премиер, ветив дека ќе го вратиме достоинството на пензионерите. Изминативе две години СДСМ како најголема владеачка партија тоа го реализираше.
Во неизборна година ја донесовме методологијата за раст на пензиите и тој проблем е веќе решен. Како партија со ова направивме нешто што години наназад беше заборавено, бидејќи претходната власт на ДПМНЕ на пенизонерите се сеќаваше само за време на избори. И тоа го направивме низ дијалог и соработка со пензиионерите, како наши вистински партнери и верувам вистински партнери треба да бидат на секого во државата.
Со системската измена, односно методологија на пресметка на пезниите, не само што во просек пензиите веќе пораснаа 6.000 денари во однос на тоа што изнесуваа, туку и ќе продолжат да растат, затоа што нивниот раст е загарантиран и не зависи од ничија политичка волја туку зависи од законското решение кое е донесено.
Просечната пензија денес е над 20.100 денари што е за 6.400 денари повеќе во однос на 2016 година, кога просечната пензија изнесувала нешто над 200 евра.
Минималната пензија пак денес изнесува 13.100 денари, што е за 4.300 денари повисока во однос на 2016 година, односно повисока пензија за речиси 50%.
Со Владата предводена од СДСМ пензионерите денес добиваат во просек по 6.000 денари повеќе.
Воедно, товарот на кризите не дозволивме да биде ставен на грбот на пенизонерите. И тоа го направивме во повеќе наврати. Во последниот деветти пакет антикризни мерки во вредност од 662 милиони евра, во 5 месеци предвидовме финансиска поддршка за 187 000 пензионери во вредност од 35 милиони евра со што пензионерите добиваат од 1 500 до 3 000 денари месечно во наредните 5 месеци. Исплатата си тече редовно, веќе за два месеци е исплатена финансиската поддршка и тоа заедно со предвременето исплаќање на пензиите.
Во претходните пакети антикризни мерки имаше и други мерки со кои не дозволивме никој да биде оставен сам особено не пензионерите.
Се она што беше напишано практично во програмата на СДСМ каде беше ветено редовно зголемување и исплаќање на пензиите како и мерките за вонредно зголемување на пензиите го реализиравме.
Ние ќе продолжиме да работиме и да го правиме она што е должност на секоја влада, на пензионерите да им обезбеди пристојна старост бидејќи сите тие ги заработиле своите пензии и ние ништо не им подаруваме на нив.
Грижата за стандардот на пензионерите е наша должност, бидејќи солидарноста е една од најважните вредности кои СДСМ ги дели, ги застапува денес и ќе го прави тоа и во иднина.
Затоа на денешната средба со пензионерите разговаравме и за новата програма на СДСМ. Како и секогаш досега, секоја мерка ја креираме заедно со здруженијата и согласно со нивните интереси и согласно со можностите на државата.
Со нас пензионерите секогаш може да очекуваат партнерски однос и ние и понатаму ќе работиме заедно, ќе го градиме тој однос и ќе најдеме решение со кое сите пензионери ќе бидат над прагот на сиромаштија.
Со тоа очекувам дека во наредните месеци, наредниот период ќе имаме солидни решенија со кои ќе ја реализираме нашата заложба за стареење во достоинство.
Сакам да се заблагодарам уште еднаш и на дополнителната заменик министерка Тренчевска и на претседателката на Сојузот на здружение на пензиониери, меѓутоа секако и на целото претседателство и ИО кои што се тука присутни и со кои што разговаравме во текот на овој ден.