„По јавната дебата за Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик значително е зголемен бројот на лица кои полагаат лекторски испит што значи конечно таа празнина од тоа електронско полагање ќе се пополни со стручни кандидати и веќе имаме кандидати што можат да се понудат за трајно вработување во институциите“ изјави министерката за култура Костадиновска-Стојчевска во денешното гостување на утринската програма „Македонија наутро“, на МРТВ.
Таа потенцираше дека имаме доволен број на лектори и рече дека со новиот начин на полагање, на хартија, а не електронски како што се полагаше претходно, ќе го подигни квалитетот и интересот на студентите од катедрите за изучување на македонски јазик.
На прашањето кога може да се очекува Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик да се најде на дневен ред на пленарна седница таа ја истакна важноста за што поскоро носење на овој закон и повика тоа да биде веќе на следната седница и да биде изгласан од сите пратеници.
„Апелирам до сите пратеници овојпат, не само до одредена група, што поскоро Законот да биде донесен и да се изгласа едногласно бидејќи овој Закон не е само закон за употреба на македонскиот јазик туку закон кој понатаму може да користи како еден пример за тоа како треба да се применуваат и да се почитуваат сите други јазици“, укажа Костадиновска-Стојчевска.
На прашањето како го објаснува предлогот за состав на Комисијата за македонски јазик и забелешките, Костадиновска-Стојчевска рече дека Советот за македонски јазик треба да биде ефикасен, а тоа не значи дека членовите треба да бидат едно координирано тело кое ќе делува заедно, не треба да зборуваат во еден глас туку треба да бидат лица од областа, доктори на науки, истакнати експерти од областа на јазикот.
„Често во минатото имало членови на Советот за македонски јазик во одредени институции коишто не биле предлог на самата институција и тука се доаѓало во судир и затворен круг кој изобилуваше со неефикасност на Советот. Лично јас, како и одреден дел од членовите сметавме дека претседателот треба да го избере, да има можност да избере дел од својот тим со кој заеднички понатаму ќе делува, затоа што ако само се наметнат членови или се од институции кои не се релевантни да бидат дел од тој Совет, може да дојде до неефикасност и неажурност на Советот“, укажа министерката Костадиновска-Стојчевска.