„Изборите во Полска и победата на партиите кои застанаа во одбрана на демократијата и човековите права, навистина се случи во клучен момент кога на сите на европско тло ни треба верба во одбрана на тие вредности пред налетот на десничарскиот популизам и конзервативизам. И таа победа се случи благодарејќи на рекордната мобилизација на две групи, младите и жените, кои порачаа дека сакаат да се чувствуваат и да бидат безбедни, да одлучуваат за себе и едноставно да живеат повторно во демократија, изјави Санела Шкријељ пратеничка во македонското Собрание и долгогодишна активистска за правата на жените, маргинализираните заедници и лицата во ризик во интервју за „Трн.мк“.
Таа додаде дека радикалните десничарски движења навистина се засилија изминатите години низ цела Европа и во САД, а тоа го чувствуваме и кај нас. И секогаш таквите движења ги таргетираат токму човековите права, особено правата на жените, родовата еднаквост и “тие другите”.
„Опасноста од враќање на конзервативни закони кои ги ограничуваат особено женските права е реална и за тоа треба сите да сме свесни и будни. Во таков контекст, повеќе од било кога мораме да вложиме максимална посветеност во понатамошното градење на хумано и демократско општество, во кое ќе владее правото и ќе се почитуваат човековите права и слободи преку унапредување на еднаквоста и почитување на различностите. А, тоа ќе го направиме само доколку сите кои веруваме во човековите права и прогресот застанеме заедно и се потсетиме на важноста на солидарноста за правично и праведно општество“ потенцираше Шкријељ.
Таа додаде дека жените треба да се потсетат дека во 2013 тогашната власт ни го ограничи фундаменталното право да одлучуваме за себе и за сопственото тело.
„Успеавме да се избориме за ново законско решение во 2019 година, кое ги унапредува правата на жените и заштитата на женското здравје. Направивме значајни исчекори во превенцијата и заштитата од дискриминација по било која основа, но повторно се соочуваме со силен налет на антиродови, антидемократски движења кои се реална закана за нашите веќе стекнати прави. Мора да сме многу свесни дека, за жал, ниедно право не е стекнато засекогаш и борбата мора да е постојана и заедничка наспроти оние кои гледаме дека и тоа како се обидуваат повторно да посегнат по нашите права“, заклучи пратеничката.