24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Насилството врз жените не смее да биде приватна работа

За кампањата “Сложувалка” која во рамките на 16 денови активизам за борба против насилството врз жената ја спроведува Министерството за труд и социјална политика заедно со канцелариите на УНФПА во Северна Македонија со поддршка од Британската амбасада, разговаравме со Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика. Иако кампањата трае само 16 дена, Тренчевска е децидна, за насилството врз жените треба да се зборува секој ден од годината. И не само тоа , сите 365 дена треба не само да зборуваме туку и посветено да работиме на превенирање на родово базирано насилство и на заштита на жртвите на овој вид насилство, вели Тренчевска во интервјуто за Трн.

Трн: Кој е фокусот на кампањата “Сложувалка “ која се спроведува во рамките на 16 дена активизам за борба против насилството врз жените”? Која е сложувалката која треба да ја пополниме во овие 16 дена?

Јованка: Фокусот е генерално на насилството врз жените, меѓутоа она на што сакаме да се фокусираме се новите форми на насилство, односно онлајн насилството, злоупотреба на интимни фотографии на млади девојки, сексуалното насилство и сето она со што се соочуваат младите девојки. Ако некогаш најголем процент од насилството било физичко насилство, за жал не е веќе така и ние како институции мораме да се прилагодуваме и да го прилагодуваме принципот токму на новите форми на насилство. И ова е целта на сложувалката на целата оваа кампања. Дел од Сложувалката сме сите ние институции, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, за образование, граѓанските организации, центрите за социјална работа. Сите оние институции кои работат на превенција, заштита и поддршка на жртвите на родово базирано насилство.

Трн: Светот оди напред, имаме сè повеќе напредок во признавањето и почитувањето на правата на сè повеќе маргинализирани групи, но и понатаму во 21-от век го имаме фемицидот. Тоа е не само кај нас туку и во светот сè уште честа појава. Зошто е тоа така?

Јованка: Овде се во преден план, пред се, стереотипите и предрасудите кои што постојат во општеството и кои се однесуваат на пријавување на насилството. Сè уште голем број на граѓани сметаат дека насилството е домашна работа и дека треба да остане дома. Срамот да не излезе од домот и семејството и затоа не пријавуваат насилство. За жал фемицидот не ја избегнува и нашата држава и овде ни се случуваат убиства на жени само затоа што се жени. Во дел од случаите кога ќе ги видиме документите во МВР, во Центрите за социјална работа , ќе видиме дека немало ни пријава претходна за насилство. Или пак имало пријава претходно, но се повлекла жената од понатамошната постапка. Сето тоа зборува дека ние и понатаму треба да продолжиме да работиме на подигнување на свеста на јавноста дека секое насилство треба да се пријави, дека ако те удри еднаш тоа да не се случи втор пат. Насилството не е приватна работа, туку е нешто што треба да се спречи и одговорност на институциите е тоа да го направат. Но, само со пријавување на насилството може соодветно и навремено да интервенираат институциите.

Законите сами по себе и подзаконските акти не можат да го сопрат насилството

Трн: Дали конвенциите и законите можат да го спречат насилството или е се многу покомплексно?

Јованка: Законот и Истанбулската конвенција како политики и стратешките документи се само механизам и даваат надлежност на институциите што треба да прават и одговорност доколку некоја институција своите законски обврски не ги реализира. Меѓутоа, само политиката, само законите и подзаконските акти не можат да го сопрат насилството. Затоа е и Сложувалка, затоа се различните кампањи на кои што зборуваме за насилството. Ние како Влада и како министертсва, не зборуваме за насилството само во овие 16 дена активизам. Буквално сите 365 дена зборуваме како министри и како стручни работници во центрите за социјална работа, во полицијата, во здравството. Тоа е обврска наша како преставници на институциите. Сите 365 дена да зборуваме и да ја подигнуваме свеста. Само така преку кампањи, преку одговорна и посветена работа на секој вработен во институциите и преку законската регулатива, преку обуки на стручниот кадар и дебати со граѓаните, можеме да го превенираме насилството и да го намалиме бројот на насилство што се случува во државата. И секако преку училиштата, преку наставните програми преку кои ќе се учи за насилството, за да можеме од мали нозе да сфатиме и да препознаеме што е насилство и секако уште од рана возраст да ги разбиеме стереотипите кои што постојат во општеството во однос на улогите на мажите и жените.

Трн: Tреба ли оваа кампања треба да трае сите 365 дена, a не само 16 дена?

Јованка: Ние само се потсетуваме во овие 16 дена и се приклучуваме во глобалната кампања за 16 дена активизам. Инаку, буквално 365 дена треба не само да зборуваме, туку и посветено да работиме на превенирање на родово базирано насилство и на заштита на жртвите на овој вид насилство.

Васко Лазаревски
Извор: Trn.mk