23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.СТАВМАКЕДОНИЈА

Самоубиствениот јуриш на Мицкоски на избори

Љубиша НИКОЛОВСКИ

Штета што Христијан Мицкоски е исклучив по сите политички прашања, па така и по постигнување национален или политички консензус, нешто што е дамнешен сон на мнозинството граѓани во децениите од осамостојувањето на македонскта држава.

Последно во низата на отфрлања на заедништвото е Манифестот што го иницираа политичките партии од власта, но отворено го понудија на сите останати кои се за европска Македонија. Со него сите заедно ќе се обврзат за ефикасно водење на преговорите за пристапување во ЕУ и дека нема да се отстапи од црвените линии содржани токму во резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ, што едногласно беша изгласана во Парламентот. ВМРО-ДПМНЕ веднаш го отфрли, затоа што тие не учествувале во неговото пишување!

Да не заборавиме дека Мицкоски не ја прифати ниту понудата од пред две години на Зоран Заев за заедничка Влада, кога тогашниот премиер отворено порача: „Нудиме соработка од секој можен аспект. Сакам да отворам дебата за заедничка власт и Влада со опозицијата. Ама да има човек со кого може да се разговара, со господинот Мицкоски не се разговара. Или, ако кај нив има разумен човек, а кај нас нема, нека го тргнат и Заев, само двете партии да можат да разговараат. Мораме да го здружиме нашиот народ, зашто тоа ни е потребно, го знаат и тие, а го знам и јас – премногу ни е поделен народот!“, изјави тогашниот премиер Заев.

Ете Заев веќе го нема, но од другата страна нема човек кој на граѓаните ќе им понуди единство.

Последната лидерска средба со актуелниот премиер Димитар Ковачевски беше уште една фер понуда за заедничка Влада на ВМРО-ДПМНЕ со СДСМ, со братска делба на министерските места и без ДУИ, како што Мицкоски побара, па дури беше постигната согласност за предвремени избори, како примарен услов на лидерот на оваа опозициска партија, но и тоа беше набргу одбиено од Христијан Мицкоски.

На овој начин, ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ само дополнително го зголемува јазот меѓу Македонците.

Кога ќе се наближат избори, раководството на ВМРО-ДПМНЕ, се однесува како да се работи за живот или смрт. Подготвено е да направи сè, само да дојде до победа; ќе ги дели Македонците на северџани и на „оригинални“, на предавници и „патриоти“, ќе се заканува со апсења и преки судови, ќе иницира протести во сите структури каде што има влијание…

А од друга страна ќе моли, ќе коленичи, ќе фрла клетви,…Зошто? За да добиеле 61 пратеник!!!

Како Никола Груевски тогаш, така и Христијан Мицкоски сега.

На Никола му требале за, како што велеше, „никој да не го уценува“, а за потоа глатко да коалицира „без уцена“ со ДУИ цели десет години.

Сега Христијан е во самоубиствена камиказа акција пред изборите. Вели ако партијата не освоела 61 пратеник ќе било „историски пораз“, а изборите ќе биле „трет Илинден“, и „ново ослободување на Македонија“! Аман беее!

Како може да биде историски пораз за партијата која и порано имала еден куп порази, вклучувајќи ги и неговите претходни. Тоа е демократија, еднаш си горе еднаш долу.

Она за „трет Илинден“ и за „ослободување на Македонија“ не знам, не можам, а и не сакам да го коментирам, за да не претерам во квалификациите колку е тоа себично, суетно, ниско, подбуцнувачко и лажно.

Но, тоа е и лично харакири на лидерот на оваа партија, зашто после тие избори и недостигнати „историски“ резултати ќе треба да си оди од политичката сцена за секогаш.

Зошто на ВМРО-ДПМНЕ секогаш му требаат 61 пратеник за да владее?

Веројатно затоа што со такво мнозинство ќе може лесно, без контрола да „ги фрла во ендек“ сите што не мислат како нив.

Но, ајде да видиме дали 61 пратеник се лесно остварлива бројка.

Ова му појде од рака само на Никола Груевски и тоа додека беше на власт. При тоа злоупотребувајќи го гласачкото право на граѓаните, заради што 21 член на потесното раководство, вклучувајќи го и самиот Груевски, се обвинети дека извршиле кривични дела против изборите бидејќи планирале, лично или преку припадниците на групата и преку други лица со употреба на закани и притисоци да им влијаат на гласачите за да го остварат избирачкото право, давале и ветувале подароци или друга корист на повеќе лица.

На тој начин обезбеди 481 615 илјади гласа.

Мицкоски на последните избори освои 44 пратнички мандати со 315344 гласачи. Значи со проста математика му недостигаат „само“ уште 170 000 гласа за да го повтори резултатот на Никола (и можеби ново злосторничко здружување).

Она што исто така треба да го има предвид Христијан Мицкоски е дека последниот голем успех на Груевски се изборите 2016 кога со подршка на 454 577 гласачи освои 51 пратенички мандат. Но, влада не успеа да состави.

Значи една работа е да победиш, а друга да формираш Влада.

Зависи што од тоа лидерот на оваа партија ќе го смета за победа.
извор Рацин.мк