23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Нови условувања од Бугарија не се дозволени, тврди Пендаровски наспроти Радев за кого уставните измени се само почеток

Претседателот Стево Пендаровски ги коментира последните изјави на бугарскиот претседател Румен Радев, кој рече дека уставните измени се само почеток на преговорите и се наврати на старите услови од бугарска страна.

Пендаровски рече дека со Радев во Подгорица остварил куса куртоазна средба.

„Станува збор за рециклажа на старата бугарска приказна, не гледам дека има некои нови податоци. Нашиот пат кон ЕУ е јасен, а тоа е преговарачката рамка што ја усвоивме лани. Нови условувања од Бугарија не се дозволени. Во делот дека ќе има нови условувања, денес ЕУ слави 30 години од Копенхашките критериуми, кои се главен сет на критериуми според кои се влегува во Европската Унија, а не разговори за историја. Бугарија е последната членка што може да ни држи предавање кои се и што претставуваат Копенхашките критериуми имајќи предвид дека Бугарија е држава членка на Советот на Европа, која има најмалку почитување на одлуките за Европскиот суд за човекови права“, рече Пендаровски.

Тој тврди дека Македонија е најподготвениот кандидат во ЕУ во моментот кога почнува преговори. Рече дека на луѓето од ЕУ, кои знаат кои критериуми навистина треба да ги исполните, јасно им е дека се направи преседан против нас пред три години со обидите на Бугарија да ни наметне историски критериуми или критериуми за ревизија на историјата, која е утврдена не само за нас туку и од целиот свет.

Бугарскиот претседател Румен Радев преку писмо испратено до лидерите на земјите членки на ЕУ вчера нагласи дека промената на Уставот е прелиминарен услов за преговорите за членство, но тоа не ги исцрпува условите што Македонија ќе треба да ги исполни.

„Факт е дека Бугарија никогаш не го оспорувала правото на граѓаните на Македонија да го дефинираат својот современ идентитет и да го нарекуваат својот службен јазик како што сакаат. Бугарија само реагира на обидите да се изгради идентитетот на земјата на антибугарска основа и со присвојување на бугарската историја, слично на опседнатоста на Скопје со античкиот период до потпишувањето на договорот со Грција во 2018 година“, рече Радев.

Наспроти тоа, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, за бугарското радио БНР рече дека нема пречки за приклучување на Македонија кон Унијата.