„Енергетската криза ја претворивме од криза во можност. Покажавме колку е важно да се има знаење и посветеност во делот на енергетскиот сектор“ одговори премиерот Димитар Ковачевски на пратеничко прашање од пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека со добро менаџирање се обезбеди земјава да нема никакви рестрикции, а Владата застана во заштита на компаниите и граѓаните со најголемиот пакет на антикризни мерки за најранливите категории на граѓани и за одржување на ликвидноста на компаниите.
„Пакетот мерки изнесуваше 760 милиони евра, најголем според податоците на Светската банка во регионот. Планот даде резултат. Во спроедба со претходната година, имавме зголемено производство на електрична енергија од 44 отсто во однос на претходниот период“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека поради тоа се обезбеди евтина струја за производителите на основни прехранбени производи, како и за јавните комунални претпријатија.
„ВМРО-ДПМНЕ зборуваше дека во четвртиот квартал минатата година дека цената на електричната енергија ќе се зголеми за 40-50 или 60 отсто. И што добивме? Цената не се зголеми. За првата и втората група на корисници остана иста, за оние кои домаќински трошат електрична енергија, а се зголеми за оние кои имаат базени по дома кои што ги греат и во зима и ви се спонзори на партијата. Е тие ќе плаќаат поскапа струја затоа што имаат“ рече Ковачевски.
Тој кажа дека во целиот мандат на ВМРО-ДПМНЕ беа инсталирани 18 мегават часови енергија од обновливи извори, додека во мандатот на оваа влада, за само една година се инсталирани и пуштени во мрежа 210 мегавати од обновливи извори, капацитет поголем од еден блок на РЕК Битола.