„Ние побаравме вонредна седница по информацијата дека една од сметките на Град Скопје е блокирана. Тоа е прашање за кое час поскоро треба вонредна седница. Нашето барање, согласно деловникот, беше потпишано од најмалку една третина членови на советот. Доставено беше во понедленикот, а уште нема абер. Таквото однесување е недопустливо, одговорноста тука ја барам од претседателот на Советот“ рече советничката во Град Скопје од СДСМ, Љубица Јанчева во „Вин-вин“ на Телма.
Таа додаде дека кога има барање за вонредна седница, тогаш претседателот на совет е должен да ја закажа, а оправданоста на тоа барање се гласа дополнително.
„Вчера добивме информација дека најран термин за вонредна седница е 27 мај. Тоа се 15 дена од барање, што е период за две редовни седници. Потребна е вонредна седница и за мостот кај Беласица исто така час поскоро“ рече Јанчева.
Советничката истакна дека Советот на Град Скопје треба да дискутира, да донесе заклучоци и да даде задолженија на градоначалничката во врска со опожарениот мост.
„Ваквата ситуација е прашање за вонредна седница. Час поскоро треба да добиеме одговори и да се почне со санација на мостот“ рече Јанчева, која додаде дека не може градоначалничката да се обвини за пожарот, но тоа не значи дека Град Скопје не треба ништо да прави.