23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ЛОКАЛНО

Општина Центар: Се расчистува просторот на поранешен „Технометал – Вардар“

Општина Центар ја известува јавноста дека се расчистува просторот на објектот на поранешен „Технометал – Вардар“ близу улица Македонија. Сопственикот на „Буши Фашион“ и сопственик на објектот на поранешен „Технометал – Вардар“ започна со постапување по решението од Општина Центар и го расчистува просторот од некогашната компанија за трговија со мермер, челик, обоени метали и неметали, опрема, машини и друго. Општина Центар неколкупати досега го казни сопственикот по што му наложи самостојно да ја расчисти депонијата и секојдневно да ја одржува хигиената.

Секторот за инспекциски работи на Општина Центар во февруари преку Решение го задолжи сопственикот да исчисти и постапи во законски предвиден рок. Решението за расчистување секторот го издаде поради спречување на создавање на еколошка катастрофа предизвикана од секојдневно собирање купишта отпад создаден од кршење на инвентарот и екстериерот на огромната бетонска зграда. Минатата година во овој објект избувна пожар, а неколкупати досега жителите од околните згради пријавуваат и кражби.

Општина Центар најавува дека Секторот за инспекциски работи и во наредниот период ќе продолжи со инспекциски контроли преку инспекцијата за животна средина за да не се повтори грдата слика и нарушувањето на мирот на станарите.