25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Маричиќ: Ако не ги направиме уставните измени ќе си ставиме самите вето на патот кон ЕУ

„Многу е јасно дека додека не ги направиме уставните измени не можеме да исчекориме кон отворање на поглавјата. Неколку пати повторуваме дека за прв пат картата за вето е во наши раце и треба да ја изиграме паметно“ рече вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во интервју за ТВ21.

Тој додаде дека овие уставни измени со својата содржина на никаков начин не го менуваат нашиот систем, бидејќи се само дел од серијалот на заедници кои се наброени во нашата Преамбула.

„Работната група во Министерството за правда ја интезивира својата работа оваа недела. Мислам дека имаат неколку средби, веќе овие денови е третата по ред. Јас очекувам да се интензивира и во прашање од неколку недели да се заврши таа работа, бидејќи не треба ни многу, само треба да се издискутира и да се формулира на правилен начин. Претставникот на Секретаријатот за европски прашања таму има за задача цело време да го гледа текстот низ призмата на преговарачката рамка и она што ни се обврски“ рече Маричиќ.

Вицепремиерот додаде дека не е добро што некои опозициски партии одбија да учествуваат во оваа група бидејќи секој претставник во работната група има можност да си ги каже ставовите и фактите и зошто одредена политичка партија би ги поддржала или не уставните измени.