Денеска во присуство на претставници на Владата, Собранието, раководството на Интерпол, министри за внатрешни работи и директори на полиции од регионот, дипломатскиот кор, претставници на локалната самоуправа и верските заедници, раководството на Министерството за внатрешни работи и бројни пријатели и гости на сцената на Долни Сарај во Охрид се одржа централната прослава на одбележување на 7 Мај – Денот на македонската полиција.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето обраќање пред присутните истакна дека веќе традиционално последните години Денот на полицијата се одбележува заеднички со граѓаните, согласно утврдениот концепт „Полицијата во служба на граѓаните“, а фактот што сѐ повеќе гости од нашите пријателски и партнерски земји ни укажуваат чест на овој ден, дава меѓународна димензија на овој настан, дополнувајќи ја свеченоста на Денот на нашата полиција.
„Како Министерство за внатрешни работи, тргнувајќи од основната премиса на секое демократско општество – дека институциите постојат само и единствено во интерес на граѓаните, воспоставивме модерни стандарди кои што целосно ќе ја реализираат клучната позиција на полицијата како сервис на граѓаните. Паралелно на овој процес, следејќи го доследно пулсот на времето, како и на регионалните и глобалните политички и безбедносни трендови, работевме да создадеме многу мостови на пријателства и партнерства, дел од нив сосема нови“, потенцираше министерот Спасовски.
Министерот Спасовски истакна дека се воспоставени билатерални контакти со голем број земји, активна оперативна соработка со колеги од Европа и пошироко, храбро реализирање на реформите во МВР со цел да се биде дел од единствената европска политика, да се оствари вклученост во бројни меѓународни безбедносни иницијативи и асоцијации, соработка на ниво на полиции и институции со цел брза размена на податоци околу новите форми на криминал со кои е соочува светот.
Тој потенцираше дека Министерството за внатрешни работи и македонската полиција веќе се етаблираа не само како пријател на граѓаните, туку и како кредибилен и респектабилен партнер за соработка на надворешен план, во областа на сузбивањето на криминалот и подобрувањето на безбедноста, како мост во Западен Балкан, активно ангажирани во мноштво регионални и меѓународни проекти во речиси сите области од безбедносната сфера.
„Како резултат на тоа, минатиот месец ја започнавме заедничката операција со ФРОНТЕКС на нашата јужна граница, во насока на справување со илегалната миграција, упатувајќи порака дека единствено со заеднички, координиран пристап можеме успешно да се справиме со глобалните предизвици, но и дека нашата заедничка посветеност ќе обезбеди поголема безбедност како за граѓаните на нашата држава, така и на граѓаните на Европската Унија. Покрај ова, како своевидно признание на сите овие бројни меѓународни активности на МВР, токму во овие неколку дена Република Северна Македонија е земја домаќин на јубилејната 50. Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ, што се совпаѓа со уште еден убав јубилеј – 30-годишнината од членувањето на нашата држава во ова глобално полициско семејство.“, истакна дел од меѓународните активности на МВР министерот Спасовски.
Видео