25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Маричиќ: Скопјани, со европски средства, ќе ја добијат пречистителната станица која е од витално еколошко значење

Како Национален ИПА координатор и Национален координатор за странска помош, апелирам да работиме заеднички, плански и стратешки да ги користиме европските средства, за да имаме повеќе вакви проекти, кажа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на официјализирањето на договорот за пречистителната станица во Скопје.

-Пречистителната станица Скопје е идентификувана како еден од главните приоритети во Националната стратегија за води, Националната студија за води и Националната стратегија за инвестиции во животната средина.
Почитувани, Со финансиска помош од Европската Унија веќе го програмиравме и колекторскиот систем за град Скопје, којшто е поддржан од националната оперативна програма ИПА II Сектор за животна средина и климатски промени. Со ваков тип на проекти, ја носиме Европа дома, ги носиме стандардите и начинот на живеење на Европската Унија во нашата земја и во главниот град. На овој начин, ние сме во чекор кон целта на Зелената агенда за Западен Балкан за заштита од загадување на воздухот, водата и почвата, кажа Маричиќ.

Според него, ова е уште еден европски проект кој води кон подобрувањето на квалитетот на животот на граѓаните, особено за скопјани и они кои живеат по течението на Вардар.

-Токму денес, на Светскиот ден на водата, се обврзуваме и се охрабруваме да преземаме акции и да „бидеме промената“ во начинот на кој ја користиме и начинот на кој управуваме со водата. Градењето инфраструктура за собирање и третман на отпадните води е токму тоа – одговорен однос и учество во заштитата на водите. Со Европската инвестициска банка потпишуваме Договор финансиран во рамки на Инвестициската рамка за Западен Балкан, грант во износ од 70 милиони евра за пречистителна станица за отпадни води во Скопје во вредност од околу 200 милиони. Скопјани ја чекаат и ја бараат оваа инвестиција во животната средина – конечно, скопјани ќе ја добијат пречистителната станица која е од витално еколошко значење, рече Маричиќ.

Вицепремиерот истакна дека ова е потврда дека европската интеграција е најдобрата формула за понатамошниот македонски развој.

-Членството во Европската Унија не значи само исполнување на критериумите од преговарачките кластери и усогласување со законодавството на Унијата. Преговорите со ЕУ имаат цел да ги подобрат условите за живот на сите нашите граѓани. Проектот дава значаен и мерлив придонес за подобрување на урбаната средина на Град Скопје и за подобрување на квалитетот на услугите за третман на отпадни води, т.е., зголемување на ефикасноста во третманот на отпадните води, прочистување и елиминирање на милта, а со тоа и подобрување на квалитетот на животот и водата и да со тоа исполнување европски стандарди. Пречистителната станица Скопје е идентификувана како еден од главните приоритети во Националната стратегија за води, Националната студија за води и Националната стратегија за инвестиции во животната средина, заклучи Маричиќ