23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Што се “паметни станови”? – функционалност и комфор на модерното живеење

Како што поминуваат годините гледаме дека сите се ориентирани повеќе кон паметните уреди и интересот за нив од година во година сѐ повеќе расте. Паметните уреди стануваат дел од секојдневното живеење и функционирање. Тука не зборуваме само за паметните телефони, туку зборуваме за многу повеќе, како на пример паметни фрижидери, паметни машини за перење алишта, паметни системи за греење и ладење, и уште многу други вакви или слични уреди кои го олеснуваат нашиот секојдневен живот.

Тука сѐ повеќе се наметнува и потребата нашите домови, како и идните домови да бидат попаметни и поефикасни за да можеме да заштедиме и време и енергија. Така, можеме да очекуваме паметните станови да станат сè попопуларни во иднина. Подолу ќе се обидеме да ви објасниме што поточно значи терминот “паметни станови”, каква е нивната функционалност и како тие би биле нашата иднина понатаму.

Паметен стан – што е тоа?

Паметниот стан е добро организиран и ефикасно дизајниран простор. Во паметен стан, се става акцент на функционалноста, сигурноста и практичноста во секојдневното домување. Овие станови се популарни во развиените земји, и само што почнуваат да бидат популарни насекаде.

Карактеристики на „паметниот“ стан

„Паметен“ стан е оној кој е и паметно дизајниран и паметно поврзан преку интернет мрежа. Овие станови се опремени со паметни уреди, и имаат најразлични функции. Тие не претставуваат обичен простор за живеење, туку синоним за практичен и исклучително удобен живот во кој паметните уреди ја вршат работата наместо вас. Покрај удобноста и функционалноста, некои од најголемите предности на паметниот стан се енергетската ефикасност, а со тоа и економичноста. Поголемата безбедност и поедноставното секојдневие, се исто така главни карактеристики на паметните станови.

 

Сигурно некогаш ви се случило да тргнете на работа и да не се сеќавате дали го заклучивте домот, и дали го изгаснавте шпоретот за готвење. Овие проблеми имаат едноставно решение благодарение на паметните станови. Сите апарати во овие станови се поврзани преку интернет, и едноставно може да се управуваат преку вашиот мобилен телефон или таблет. Поедноставното домување се постигнува на различни начини. На пример, паметниот фрижидер може да ве извести кога им поминува рокот на одредени намирници. Кога не сте дома, можете да му “наредите” на машината за перење на алишта да започне со работа, а на телезвизорот да ја снима вашата омилена серија.

Поефикасни згради

Новите технологии овозможуваат значително заштедување на енергија во паметните згради. Различни безбедносни системи, како и системи за ладење, греење и вентилација, ефикасно се поврзуваат преку овие паметни уреди. Енергетската ефикасност и штедењето на разни ресурси воопшто, се едни од главните причини за изградбата на паметните згради и имплементирањето на овие системи во веќе постоечките објекти.

Уклучени светла во просторија која не се користи, е невозможно во една паметна зграда!

Ваквите згради користат сензори за да се утврдат одредени дефекти, како и можност да се утврди која просторија се користи најчесто, и која има потреба од најчесто одржување. Дополнително, одредени паметни згради нудат и автоматско управување со осветлувањето, соларни системи, паметни гаражи, автоматско управување со ролетните, видео надзорот, противпожарните системи итн.

Паметните станови стануваат се повеќе застапени на пазарот на недвижности. Предноста од поседувањето на еден ваков стан ја чувствуваат сите – и сопствениците на становите, и сопствениците на паметните згради. Со овој тип на градби не само што си го олеснуваме нашето секојдневие, туку и придонесуваме во заштеда на енергија и максимизирање на безбедноста на станарите и нивниот имот.

Се надеваме дека успеавме да ви ја доловиме идејата за „паметните„ станови, за тоа што се всушност тие и како би влијаеле на нашето живеење и домување во иднина. Сведоци сме дека сѐ повеќе се ориентираме кон паметната технологија која во голема мера е вклучена во нашите животи. Останува на вас да одлучите дали и вие би сакале во иднина да живеете во еден ваков „паметен“ стан.