23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ЛОКАЛНО

Јовановски за „Локално“: Арсовска викаше дека некои се богатат од оваа работа – сега зошто да биде Ленин или Слобода превоз, нека биде некој друг

Јас не знам сега што е крајната цела и што била целта, меѓутоа очигледно некој имал цел вака да завршат работите. Секој си има свои некакви претпоставки и интереси зошто ги прави работите вакви. Ќе видиме кој и како ќе испадне. Веројатно сметаат дека тука има некои можеби големи пари, затоа што кога ја слушав градоначалничката викаше дека некои се богатат од оваа работа. Сега зошто тој некој да биде Ленин Јовановски или Слобода превоз, треба да биде некој друг, па да видиме да се збогати некој друг. Целата ситуација ми иницира на тоа, но дали ќе биде така ќе покаже времето, вели во разговор за „Локално“ директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски откако вчера новото тело кое ги претставува приватните превозници соопшти дека се блиску до решавање на проблемот кој што го имаат со градоначалничката Данела Арсовска и ЈСП Скопје.

Тој е дециден дека не му пречи да биде надвор од процесот.

-Не сакам ништо да попречам ниту ништо ми е поважно од фактот да ги видам приватните превозници да продолжат да работат и да им се исплати долгот. Ние како „Слобода превоз“ и јас како директор се тргаме целосно од процесот на преговарање. Не сакаме да пречиме. Се измешаа лични работи и политички позадини. Може да извршиме само тоа што ќе се договори новото тело и градоначалничката. Најважно е да се исплати долгот. Слобода превоз и Ленин Јовановски се апсолутно неважни во оваа работа, потенцира Јовановски.

Директорот на „Слобода превоз“ ни објасни дека се вклучил со добра намера да помогне во целиот процес, но работите излегле од контрола и се договориле комплетно да се повлече и новото тело да си се договори во каква правна форма ќе се вршат исплатите на долгот на приватните превозници.

Сепак Јовановски не верува дека ќе се реши проблемот во скоро време.

-Познавајќи ги потребите и барањата на приватните превозници, и да се реши претпоставувам дека нема да биде во тој формат во кој што очекуваат и се надеваат. Сепак, дај боже да не сум во право, нели нормално. Јас сметам дека во позадина се други интереси и игри и кои ќе ги покаже времето. Ако сега гледаме од тоа како почна и се што се изнесе од страна на градоначалничката која што цело време јавноста ја замајуваше со лаги и ништо од нејзините тврдења не испадна точно, претпоставувам дека сето тоа е со некоја цел. Сигурно некој кога лаже не го прави од забава. Се покажа дека тоа што цело време го зборував е точно. Доста мене ме лажеше и медиумите, сега да видиме дали ќе ги излаже и превозниците, образложува директорот на „Слобода превоз“.

Новото тело на приватните превозници предводено од Јовица Зафировски вчера истакна дека за многу брзо возачите и автобусите ќе се најдат на скопските улици, откако остварија средба со градоначалничката Данела Арсовска.

-Се е позитивно од оваа средба. Оваа недела ќе имаме уште еден состанок за да ги допрецизираме работите. На нас штом ни одговара, ќе им одговара и на колегите, рече Зафировски, но не можеше да даде конкретен датум кога пак ќе почнат да возат.

-Кон нас приватните превозници ЈСП има долг, не градоначалничката. Да почекаме да видиме што ќе се случува понатаму. Се уште трае ревизијата, потенцира Зафировски, истакнувајќи дека нема да има нови блокади на улиците од нивна страна.

Н.П.

извор: Lokalno.mk