24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Премиерот Ковачевски се сретна со претседателот на Алијанса на Албанците, Таравари

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска се сретна со претседателот на Алијанса на Албанците, Арбен Таравари.

На средбата, премиерот Ковачевски и Таравари разговараа за повеќе актуелни теми врзани со стратешките определби на државата. Разговарани беа придобивките од членството на Северна Македонија во НАТО, отпочнувањето на преговорите со ЕУ со крајна цел полноправно членство во ЕУ како и стратешкото партнерство кое Северна Македонија го има формализирано со Соединетите Американски Држави.

Во фокус на разговорите помеѓу премиерот Ковачевски и Таравари беа и неприкосновената борба против корупција во контекст на реформските процеси кои се случуваат во државата, како и процесот на скринингот кој досега успешно се одвива, но и процесот на носење одлуки и реформи кои ќе придонесат до што поскора интеграција на земјата во ЕУ.

Со оглед на програмската хармонизираност и заложбата за остварување на државните приоритетни цели, премиерот Ковачевски и Таравари разговараа и се согласија за важноста од унапредувањето на добрососедските односи кои се одлика на македонската политика и дипломатија низ годините, со крајна цел – внатрешна кохезија и меѓународна интеграција на Северна Македонија, но и иден брз напредок и развој на државата.

Дополнително, премиерот Ковачевски и Таравари разговараа за ефикасното справување со енергетската и економската криза, економскиот развој како и носењето на реформски закони кои значат унапредување на функционирањето на државата како што се законските решенија за јавна финансиска контрола, спречување на злоупотреба на балансерот, заштита на ранливите категории граѓани, како и законот за Влада, но и институционалното зајакнување на Бирото за регионален развој.

Работните состаноци на премиерот со парламентарните и вонпарламентарните политички партии, на кои фокусот е продолжувањето на европскиот пат и носењето одлуки исклучиво во интерес на граѓаните и државата, ќе продолжат и понатаму.